Ако ви се расипе купениот нов телевизор или шпорет во првите петнаесет дена од гарантниот рок трговецот од каде што сте го купиле ќе мора да ви даде нов. Не е шега, туку право што ќе биде обезбедено со новиот закон за заштитата на потрошувачите, кој треба да се донесе следната година.
Повикувајќи се на законот, ќе може да го вратите и фустанот што сте го купиле без да го пробате и сте сфатиле дека не ви се допаѓа. И тоа нема да мора да го замените за друг како досега, туку ќе може да ги добиете назад и вашите пари,
Нов закон за заштита на потрошувачите е предвидено да се подготви со ИПА-проектот за хармонизација на законодавството на полето на заштитата на потрошувачите. Во него ќе бидат инкорпорирани сите директиви што се однесуваат на заштитата на потрошувачите, со што ќе транспонираат и новите директиви од ЕУ. Последните извештаи од кај нас се дека евалуираат понудите за новиот ИПА-проект, и се очекува да почне да се реализира во почетокот на 2015 година и ќе трае две години – велат во Министерството за економија.
Освен законот, треба да се донесат и нови правилници, кои ќе ги штитат потрошувачките права. Нови правилници ќе се носат и од Агенцијата за храна, Агенцијата за електронски комуникации, Државниот пазарен инспекторат и други.
Според досегашниот закон, ако производот ви се расипе, во никој случај не можевте да си ги вратите парите. Трговецот беше должен да го однесе на поправка во сервис, а нов апарат можеше да се добие само во случај ако сервисерот каже дека истиот не може да се поправи. Искуствата кај нас велат дека и покрај поплаките, речиси секогаш потрошувачите го извлекувале подебелиот крај.