Амбасадорите повикаа да се спроведе договорот од Пржино


Амбасадорите на Европската унија, Германија, Франција, Италија и Велика Британија повикаа да се почитува и да се спроведе договорот од Пржино бидејќи, како што нагласија, тоа е најдобриот излез од политичката криза, пренесува МИА.

Предупредија дека ако тоа не се постигне, ќе има влијание врз оценката на Европската комисија за Македонија.gruevski zaev ahmeti taci

Од власта побараа да не ги одложува неопходните реформи за излез од кризата, а опозицијата да се воздржи од објавување на прислушуваните разговори.

– Доцна ноќта во петокот се сретнавме со премиерот Никола Груевски и му го изразивме нашето разочарување од неуспехот да се исполни крајниот рок на 20 октомври да се изврши замената на министрите, што на 15 јули беше договорено со договорот во Пржино. Ја повикуваме ВМРО-ДПМНЕ да ја покаже потребната посветеност и да го спроведе договорот на конструктивен и итен начин и со добра намера. Веруваме дека спроведувањето на договорот од Пржино е најдобриот пат за излез од политичката криза, изјави британскиот амбасадор Чарлс Гарет, кој во името на дипломатите ја прочита заедничката изјава пред Владата на Република Македонија.

Амбасадорите го повикаа премиерот Груевски да го овласти тимот за да го финализира договорот по нерешените прашања од договорот од Пржино и брзо да ги спроведе сите неопходни реформи за да обезбеди рамноправен терен за избори и нивно национално и меѓународно признавање како веродостојни.

– Во врска со ова очекуваме на специјалната обвинителка, едногласно избрана во Парламентот, да и се дадат сите барани ресурси за да се овозможи да почне да ја извршува оваа важна работа, се вели во изјавата.

Од СДСМ пак се бара да ги исполни обврските што произлегуваат од договорот во Пржино, вклучувајќи ја и обврската да не објавува прислушувани материјали. – Го повикавме СДСМ, од своја страна, да продолжи да ги исполнува своите обврски кои произлегуваат од политичкиот договор, вклучувајќи ја и обврската веќе да не објавува прислушувани материјали, се нагласува во изјавата.

Договорот од Пржино бара од партиите на прво место да го стават интересот на државата и да ја потврдат нивната посветеност кон евроатлантскиот интеграциски процес и демократските принципи. Сите страни треба да дејствуваат со добра намера, да ја обноват посветеноста на договорот, да дејствуваат според договорените мерки со апсолутна итност, каква што бара ситуацијата. Неуспехот тоа да се стори ќе има влијание врз оценката на Европската комисија. Владите, и особено нивните челници, имаат специјална одговорност за време на политички кризи. Ако дејствуваат веднаш, и низ нивните акции јасно покажат дека се на тој пат, меѓународната заедница е подготвена да го поддржи тој напор”, рекоа амбасадорите во заедничката изјава пред Владата.

Share Button
MK News

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1