Американски дипломат си ја убил сопругата бидејќи прифатила работа во Белград


Американскиот дипломат Џејсон Риф ја убил својата сопруга Лола Гуломова, а потоа извршил самоубиство, бидејќи прифатила четиригодишен мандат во американската амбасада во Белград.

Спред Вашингтон пост, таа имала намера да ги земе и нивните деца.

Двојката била пред развод, кој требало официјално да заврши во петокот. Сепак, ова не се случило.

Пред закажаното рочиште, полицијата добила повик дека нешто чудно се случува во домот на парот близу американскиот универзитет во северозападниот дел на Вашингтон. Кога дошле во куќата, полицајците го нашле Риф (51), кој се имал застрелано во главата, додека во другата соба лежело безживотното тело на неговата сопруга Лола Гуломова (45).

Се верува дека Риф ја убил пред да си пресуди себеси, пишува Вашингтон пост.

Судските документи покажуваат дека Риф се разгневил кога дознал дека Гуломова прифатила четиригодишен мандат во Белград, почнувајќи од летото 2020 година, и дека имала намера да ги земе и нивните две ќерки.

Гуломова и Риф биле дипломати и често патувале заедно. Се запознале на Универзитетот за напредни меѓународни студии „Џон Хопкинс“ и се венчале во 2000 година. Имале две ќерки, за кои полицијата вели дека не биле дома за време на пукањето.

Брачните проблеми на двојката почнале во 2015 година, откако се вратиле од последна заедничка задача во странство. На крај, Гуломова поднела барање за развод.

Судијата во март одобрил развод на бракот откако Риф повеќе пати го пропуштил сослушувањето и ѝ го дал старателството врз децата. Сепак, било закажано уште едно рочиште за да биде сослушан новиот адвокат на Риф, кој ја оспорил одлуката на судот велејќи дека неговиот клиент не добил соодветно известување.

Гуломова е родена во Таџикистан, каде што некогаш се занимавала со танц. Според нејзините пријатели, нејзиното семејство живеело низ целиот свет, а нејзината сестра била во Њујорк.

Во биографијата што ја дава Министерството за трговија се вели дека им помагала на жртвите на ураганот Катрина, а подоцна се приклучила во НАСА. Некое време престојувала во американската амбасада во Москва, каде што помагала во работата на Меѓународната вселенска станица.

Share Button

Tags:

MK News

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1