Автобусот на Дурмо турс имал вграден уред за манипулирање на брзината на тахографската лента


Во автобусот на Дурмо турс имаше вградено уред со кој се манипулирала брзината на движење на тахографската лента, изјави на денешното рочиште за автобуската несреќата кај Ласкарци еден од возачите, што на денот на несреќата со истиот автобус на Дурмо турс возел на релацијата од Гостивар до Скопје.

durmo turs

Тој кажа дека биле група од тројца возачи на тој автобус и сами воделе и пополнувале тахографска лента и патен налог за секоја релација.

– Не знам кој вградил таков уред. Мене не ми беше потребен и не користев. Знам дека во двата автобуса што ги возев имаше таков уред што се активира со копче на левата страна на воланот, изјави сведокот Џемаил Салии.

Прашан дали можеле да заменат гума или однесат автобус на технички преглед без да знае Ремзи Мифтари, сведокот рече не, појаснувајќи дека за се му кажувале на Ремзи.

Претходно беше сослушан сведок, кој со приватен автомобил возел зад автобусот на Дурмо турс.

Сведокот кажа дека бил сам во возилото и возел во средната лента позади автобусот и не приметил ништо невообичаено кај автобусот, како чад, истекување или друго нешто.

– Видов како оди по средната лента и добив впечаток како да претекнува. Кога стигнав на крај од кривината видов како веќе автобусот ги имаше пробиено заштитните огради, изјави сведокот.

Посочи дека потоа застанал на десната помошна лента и истрчал да помогне.

Случајот го води судијката Диана Груевска Илиевска, а застапник на обвинението е јавниот обвинител Дарко Јакимовски.

За автобуската несреќа што се случи на 13 февруари, годинава кај селото Ласкарци, во која загинаа 16 лица, а 37 беа потешко повредени обвинети се шест лица.

Сопственикот на „Дурмо турс“, Дурмиш Белули, одговорниот за транспорт во фирмата Ремзи Мифтари и возачот на автобусот Маноел Трифуновски се товарат за сторени тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот, додека тројцата вработени во станицата за технички преглед Игор Ѓорѓиевски, Горан Дуковски и Јане Боварски за соучество во истото дело.

Share Button
MK News

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1