Утринава возилото на претседателот на СДСМ, Зоран Заев, во Струмица учествувало во полесна сообраќајна несреќа. Во моментот на сообраќајката со возилото на Заев управувал неговиот шофер, а во него била и неговата сопруга.
Сопругата на возачот на лидерот на СДСМ, Зоран Заев и уште пет лица се здобиле со телесни повреди во сообраќајна несреќа што се случила утрово околу 9 часот во Струмица, објави Макфакс.
Според информациите од МВР, сообраќајката се случила на раскрсницата „Климент Охридски“ и „Братство и единство“, кога се судриле автомобил „фиат пунто“ со штипски регистерски таблици и „ауди“ со струмички регистерски таблици, во кое што биле возачот на Заев, неговата сопруга и уште двајца сопатници.
Во сообраќајката со телесни повреди се здобиле возачот на „фиат пунтото“, дваесет и петгодишниот В.М., неговата врсничка С.Г. и триесет и двегодишниот сопатник З.М. сите од Радовиш.
Возачот на „аудито“, шоферот на Заев, не се пожалил на повреди додека неговата сопруга, педесет и тригодишната Ј.А., шеесет и едногодишниот сопатник Д.К.и уште една сопатничка се здобиле со телесни повреди.
Повредените се пренесени во струмичката болница каде им била укажана лекарска помош. Извршен е увид на лице место и се утврдуваат причините за несреќата.
Автомобилот „ауди“ бил на лизинг и не се води ниту на име на општина Струмица, ниту на име на физичко лице, објави Макфакс.