Никогаш нема да закрепне. Никогаш! Но, ние не се даваме и се обидуваме да живееме нормално, раскажува со тивок глас таткото Мирослав Љубичиќ и го прегрнува своето дете. Нивниот живот сосема се сменил таа вечер во текот на ноќната прошетка во улицата Његош, најпрометната во Панчево. Тој 22 јуни 2002 година се случил вооружен конфликт помеѓу двајца криминалци. Мотивот бил – девојка. Владимир Волоѓ го убил Горан Грбан. По десет години поминати во бегство и апсењето во Македонија, тој конечно е однесен во Високиот суд во Панчево и е осуден на 15 години затвор, пишува Дневник.
– Се шетавме. Александар беше во својата количка. Имаше само седум месеци – со мака се сеќава таткото на кобната ноќ.
Мирот на шеталиштето го прекинале три истрели од огнено оружје.
– Еден куршум рикошетира, се одби неколкупати. Нашето бебе го погоди во главата. На шеталиштето наеднаш се создаде паника, пискотници, луѓето бегаа на сите страни – раскажува мајката Љубица.
Мирослав вели дека до крајот на животот нема да ја заборави глетката – Александар бил облеан во крв, со рана над слепоочницата. Целата количка била крвава.
– Минаа години. Иако се обидуваме, таа сцена нема никогаш да ја заборавиме – вели таткото.
Kуршумот во калибар од 9 милиметри 12 дена стоел меѓу усната и носната шуплина на бебето. Тогаш почнал пеколот. Мирослав тешко раскажува што с` преживеале изминатите 12 години – операции, терапии, патувања низ цела Србија.
– Александар првин преживеа тешка операција на мозокот. Следуваа уште две. Оштетен му е видот на десното око и тешко ја движи левата страна на телото. Пари едвај собиравме. Секој ден патувавме во Белград кај лекари на третман – објаснува Мирослав.
Семејство во страв се затворило во четири ѕида. Долго време се плашеле од толпа луѓе и од бучава. Зад нив се безброј непроспиени ноќи. Секој миг стравувале за животот на својот син, што ќе ги праша кога ќе порасне… За среќа, имале огромна поддршка од пријателите и од роднините.
– Сега, 12 години подоцна, одам на училиште, се занимавам со спорт, играм со другите деца. Но, траги од ранувањето останаа и никогаш нема целосно да закрепнам – вели храбриот Александар.
Семејството Љубичиќ и денес се стресува кога ќе слушне петарда, ненадејна бучава или кочење од гуми од некое возило. Стравот и понатаму ги држи во ропство.
Дневник