Во градот Ван, Бретања на 24 февруари ќе почне судењето против поранешниот хирург Жоел Ле Скуарнек (74),кој е обвинет за силување или сексуален напад на речиси 300 поранешни пациенти во период од повеќе од 25 години. Најголемиот број жртви на хирургот биле деца.
Судењето ќе биде јавно, освен сведочењата на жртвите, кои во време на нападите биле малолетни.
Просечната возраст на жртвите на Ле Скуарнек е 11 години, но поранешниот хирург е обвинет и за силување на едногодишно дете и за сексуален напад врз 70-годишен човек.

Ле Скуарнек се товари за сексуални насилства извршени во периодот од 1989 до 2014 година. За тоа време работел во десетина медицински установи во западна Франција. Нему му се суди за 111 силувања и 189 сексуални напади и за злоупотреба на својата положба како лекар.
Од 299 жртви, дури 256 биле помлади од 15 години.Доколку Ле Скуарнек биде прогласен за виновен тој може да биде осуден на максимална казна од 20 години затвор.
Поранешниот лекар веќе е во затвор откако во декември 2020 година беше осуден на 15 години робија за силување и сексуален напад на 4 деца, вклучително и на 2 негови внуки.
Властите почнаа да го истражуваат Ле Скуарнек во 2017 година, откако 6-годишно девојче кое живееше во истата населба во југозападниот град Јонзак, тврдеше дека ја силувал. Истрагата покажала дека тој во 90-тите години од минатиот век ги силувал и своите 2 внуки и уште еден млад пациент. Во 2020 година тој е осуден на 15 години затвор.
При претресот на неговиот дом полицијата пронашла десетици кукли кои ги користел како секс играчки и над 300.000 фотографии од сексуална злоупотреба на деца. Полицијата ги нашла и неговите дневници каде опишува детали од нападите врз своите пациенти во текот на 25 години. Ле Скуарнек внимателно ги запишал имињата на своите жртви, од кои некои ги малтретирал во операциска сала.
Регионалните обвинители отворија посебна истрага за „неспречување кривично дело или прекршок против интегритетот на лицата“, иако таа сè уште не е насочена кон ниту еден поединец или институција. Се поставува прашањето дали Ле Скуарнек имал заштита од неговите колеги и од управата на болницата, бидејќи американското Федерално истражно биро (ФБИ) предупредило дела посетувал сајтови со детска порнографија. Но, болницата каде што работел му изрекла само условна казна. Исто така, се претпоставува дека и семејството на Ле Скуарнек знаело дека е педофил, но не интервенирало.
Тој беше оженет и има три сина родени помеѓу 1980 и 1987 година.