Со китење и истакнување на бајракот и три истрели од пушка вечер од 19:30 часот почнува четириесетото издание на „Галичка свадба“. Годинашните младенци, скопјанката Александра Крстевска (26) и мавровецот Васе Ѓорѓевски (27) во улогата на невеста и зет ќе ја крунисаат деветгодишната врска, пренесува Миа.
Една од најстарите културно-туристички манифестации во земјава, изобилува со обичаи и ритуали, по кои се препознатливи мијаците. Во двата дена со звукот на зурлите и тапаните на дебарските музичари „Мајовци“ ќе се одиграат изворните ора, како „тешкото“, „невестинско“ „свекрвино“. Меѓу покарактеристичните обичаи кои ќе бидат изведени се и „носењето на невестата на вода“, „канењето на мртвите“, „бричењето на зетот“, „земањето на невестата“, „замесувањето на лебот“…..
Учесниците во поворката, во која поголемиот дел се статисти, на себе носат ракотворени стари носии, изработена во срма.
Официјалниот почеток на свадбата е вечерва кога повеќето обичаи се изведуваат во домот на невестата. За гостите и посетителите вечерта ќе биде организиран и концерт на етно музика на платото пред чешмата Упија.
Во недела во 9 часот свадбарите ќе продолжат со изведување на свадбените ритуали. Манифестацијата се очекува да заврши околу 13 часот со венчавката на зетот и невестата, која ќе ја изведат свештениците од Бигорскиот манастир.
Првата „Галичка Свадба“ е одржана во 1963 година. По две изданија, повторно е обновена во 1973 година. Откако е пуштен во употреба патот Маврово-Галичник, таа се одржува во континуитет.
Повеќе фотографии на – МИА