Виновен сум. Немам зборови со кои можам да искажам жалење. Чувствувам голем товар. Тој кобен ден ми се уништија сите планови што ги имав со девојката за да основам семејство. По несреќата на госпоѓа Сузана и пружив прва помош, но не успеав да ја спасам.
Ова се зборовите на 37- годишниот Бојан Блажевски. Изрази сочувство на семејството на новинарката на македонското радио Сузана Тодоровска- Павловска која загина на 7-ми јули во близина на трговскиот центар Зебра во стравичната сообраќајна незгода.
За обвинителството не станува збор за обична несреќа, туку за чин сторен со умисла. Видно пијан и издрогиран, според обвинението, Блажевски со брзина од 83 километри на час возел во спротивната лента претекнувајќи возило, а кога се вратил во својата изгубил контрола, излетал од улицата и удрил во 50 годишната новинарка која почина на самото место.
Блажевски призна дека се лекува од нарко зависност и прима метадонска терапија. Побара поблага казна. За делото тешки дела против безбедноста се одговара со казна затвор од 4 до 15 години. Каква пресуда ќе донесе судот, ќе се знае во четврток.
Мрт.ком.мк