Денеска бакнете ја мајка ви – Благовештeние e


Свето Благовештение е Богородичен празник, односно еден од празниците посветени на Пресвете Богородица.  на овој ден Господ Исус Христос се воплотил – зачнал, а Богородица постанала Божја мајка.

Благовец е празник на Божјата Мајка, а според старата црковна традиција е и празник на сите мајки – Денот на мајките. Новото нецрковно време го заменуваше со празнувањето на 8 Март, па се подзаборава дека Благовештение е празникот на мајките.

blagovestieНа Благовец е денот на мајките, затоа што Богомајката Богородица е заштитничка на сите мајки кои зачнале и станале мајки. Тоа е ден на мајката која дала нов живот. Тогаш децата и благодарат на мајката, ја гушкаат и и даваат дарови во знак на љубов, почит и внимание. Мајките, пак, ги благословуваат децата и тие да имаат свои рожби и радости.

Денес, бакнете ја мајка ви!

На овој ден се покажува особена сострадалност и помош кон сирачињата, кон бедните и кон унесреќените.

Се празнува точно девет месеци пред Божик. Неговата поврзаност со Христовото раѓање не му дава да биде изместен, бидејќи тој е датумот на зачнувањето (7 април / 25 март с.к.), а девет месеци потоа е Раѓањето на Господа Исуса Христа (7 јануари / 25 декември с.к.).

На овој ден, девет месеци пред Божик, на света Дева Марија и се јавил архангелот Гавриил и и ја кажал радосната вест – благовестието: дека таа ќе Го роди Спасителот на светот, ќе Го роди Бога во тело. Таа блага вест е светото Благовестие дека таа Го примила во своето пречисто тело, телото на Бога Кој се воплотил – зачнал во нејзината утроба. Оттогаш таа постанува Богомајка.

И кога влезе ангелот при неа, рече: „Радувај се, благодетна! Господ е со тебе! Благословена си ти меѓу жените!“

blagovestie2Црквата го посветува овој празник на Благовестието и на Богозачетието. Тоа е почеток на спасението. Почеток и на Евангелието. Таа вест е првото Евангелие = Благовестие, блага вест, радосна вест за спасението.

Кога Богородица му рече на ангелот: „Еве ја слугинката Господова; нека ми биде според зборовите твои“ (Лука 1,38), Бог се воплоти и Богородица стана небесната врата.

Зборовите: „Нека ми биде според зборовите твои“, значат: „Нека биде така“ – „Амин“. Тоа е нејзиното „да“ за да стане Мајка Божја – нејзиното: „Да биде волјата Твоја, како…“.

А, пред да го прифати Богомајчинството, светата Девица, бидејќи не знаела за маж и не можела да си замисли како е можно такво раѓање, го праша ангелот: „Како ќе биде тоа?”, Ангелот и рекол дека тоа ќе биде од Светиот Дух: „Светиот Дух ќе слезе на Тебе и силата на Севишниот ќе те осени“ (Лука 1,35). Тогаш Бог се воплотил.

Народни преданија и суеверие

Народните преданија за Благовец сплеле многу обичаи и церемонии кои немаат никаква врска со верата и со Евангелието. Тие се чиста човечка измислица. Главно се со некоја поврзаност за времето и за името. Најпрво, се вели дека Благовец е благ ден и така се нарекува затоа што на тој ден дури и раната не боли.

На Благовец треба и да се зајаде првиот мед во таа година. А, и садењето тикви требало да започне на Благовец, за да бидат многу благи. За да не го боли, а да биде благо и добро детето, на овој ден им се дупнуваат ушите на девојчињата и им се ставаат првите обетки. Тогаш нема да се инфицираат и брзо ќе зараснат.

Потоа, со Благовец се поврзува и доаѓањето на птиците преселници: штркот, ластовицата, кукавицата, пупунецот и други, кои ја носат благата вест дека зимата си отишла и доаѓа пролетта, а со неа и новиот живот и сè што треба да оживее и да се сработи за новиот живот во природата.Се мисли дека на Благовец ни птиците не работат во правењето гнезда, па дури и не мавтаат со крилјата додека се застанати, туку само во лет. Кукавицата првпат кука, а мечките се будат од сон.

Какво ќе биде времето на Благовец, такво ќе биде и цела година. На тој ден излегуваат змиите, гуштерите и сите влекачи (што е очигледно дека излегуваат и многу порано некаде, а некогаш и подоцна!). Некаде се прави и обичајно гонење на змиите, на Благовец, со чукање по тави и тенџериња низ дворот и околу куќата, за да се исплашат и од викање да бегаат сите ползачи и гадинки, подалеку од куќите и од дворовите. А во тој ден змиите не касаат и добро е да прелазат некое алиште кое ќе биде за лек.

Жените не фаќаат игли и конци, на денот да не шијат, да не предат и да не плетат, дури ни косата, за да не ги каснат змии. А може да си заврзат некое конче за да не ги фаќаат очи и уроци. Добро е да си ставиш пара в џеб или да броиш пари на тој ден, за да имаш цела година итн. итн.

Препорачливо, пак, е на Благовец да се сади цвеќе, бидејќи тоа ќе биде особено миризливо и убаво. Тогаш се засадуваат и леите со расад, за да бидат зеленчуците благи (слатки) и здравоносни. На тој ден е добро да се посади и плодно дрво, зашто плодовете ќе му бидат благи. А пчеларите првпат ги отвораат пчелите за да собираат мед.

Некои, на Благовец, првпат каснуваат коприва, спанаќ и новите зеленчуци. Девојчињата тогаш првпат замесувале пита и ја мачкале со мед, па им давале и на момчињата од нивната возраст блага пита. На тој ден и самовилите играат оро…

 

MK News

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1