Децата во малата јужна европска земја Македонија се најсреќни во светот, а тие во САД и во Турција се најтажни, е оценката во новиот извештај што го направила Британската организација за положбата на децата во општеството. Во публикацијата стои дека истражувањето „Извештај за добро детство“, објавен неодамна, со рангирање на чувството на среќа и задоволство на околу 50.000 деца во 39 земји, дошло до резултатот дека токму во Македонија децата имаат најсреќно детство. Питер Григ, одговорен за ова истражување, вели дека децата што страдаат „од недостиг на благосостојба“ се со поголема веројатност да бидат малтретирани или да не се дружат во училиштето.
Истражувањето е спроведено во соработка со њујоршки универзитет, а укажува на тоа дека детската благосостојба варира со возраста, па оти на возраст од 14-15 години децата имаат тенденција за подобро расположение во училиште. Момчињата имаат тенденција да се посреќни од девојчињата. Децата во домаќинствата што живеат во сиромаштија или имаат помалку од 60 отсто од просечниот приход имаат тенденција да имаат пониска желба за благосостојба од тие што не живеат во сиромаштија. Деца што живеат во семејства каде што никој нема платена работа, исто така, имаат тенденција да имаат пониска желба за благосостојба.
За потребите на истражувањето децата биле замолени да си ја оценат својата благосостојба врз основа на тоа како живеат во семејството и во домот. Тие одговарале на прашања кои се однесуваат за пари или материјални добра, за здравјето, за пријателите, за изгледот и за училиштето. Најсреќните деца биле во Македонија, Холандија, Ерменија, Гренланд и Исланд. Израелските деца се рангирани на осмото место, а, според истражувањето, децата од Турција, САД, Италија и Франција се на крајот од листата. Руските деца се на 19, место во однос на нивната среќа.
Наспроти овие тврдења, во „Глобалното истражување за среќа“, кое го вршат реномирани агенции, кои ги предводат експерти од Ванкувер, Лондон и од Универзитетот Kолумбија во Америка, се тврди дека најсреќни се луѓето што живеат во Данска.
– По години истражување, мислев дека сум на дното зашто за Данците постојано се тврди дека се најсреќните луѓе во светот, барем во последните години или децении. Ова вклучува комплексна, но рационална анализа на луѓе што во голема мера сфатиле кои се токму условите погодни за задоволен живот и за да можат соодветно да го поднесат своето општество. Еднаквост при заработка, еднакви можности за сите полови, социјална кохезија, општото богатство, безбедност, слобода и не се Швеѓани. Ова се само некои од причините зошто на лекомислен начин се тврди дека повеќето Данци се најсреќни на светот – вели колумнистот Мајкл Бут.
Постојат неколку сомнителни аспекти на овој извештај, а тоа е дека не е споменато оти Данците се рекордери во користење антидепресиви, што противречи на тврдењата во извештајот и има врска со клиничка депресија.
Но, и граѓаните на Австрија се тажни, иако се на 8. место на ранг-листата на држави каде што живеат среќни луѓе. Сепак истражувањата покажуваат дека и покрај тоа што живеат во земја со висок квалитет на живот, релативно просперитетна економија, стабилен политички систем и преубави села, само еден човек од петмина Австријци вели дека е навистина среќен. Ова е дел од истражувањето што две години го спроведува Универзитет „Модул“ во Виена.
Австријците во истражувањето изнеле дека имаат многу финансиски грижи, психички болки, осамени се и живеат под стрес и се фрустрирани поради работата.
Д-р Иво Поноцни, шеф на Одделот за применета статистика и економија на Универзитетот „Модул“, за период од две години извршил 550 интервјуа на десет австриски локации, побарал 335 учесници да водат дневници за својата благосостојба и добиле 1.432 детаљни прашалници.
Според резултатите од истражувањето, луѓето што живееле во големите градови се жалеле дека живеат во заострена, урбана животна средина и оти квалитетот на грижата за децата и постарите луѓе имаат негативно влијание врз нивната благосостојба.
Dnevnik