Претседателот на Собранието Талат Џафери во интервју за МИА вели дека е задоволен од она што досега е направено во Парламентот и покрај последиците од настаните од 27 април, кога беше неговиот избор. Локалните избори, доколку се оди по планот, ќе ги распише на 6-ти август, а по овој датум годинава би можел да започне и одморот за пратениците.
Во контекст на односот владејачко мнозинство наспроти опозиција и покрај сите предизвици, претседателот на Парламентот, посочи дека успева да менаџира со ситуацијата. За тоа дали има опструкции во работата, потенцира дека не би можел целосно да каже дека имало обид за опструирање.
– Во досегашниот начин на однесување на опозицијата не би можел целосно да кажам дека е тоа обид за опструирање. Се е тоа во рамки на она што може да се смета како дозволено однесување на опозицијата во смисла на потребата за дебата и во тој контекст можам да кажам и можам да бидам благодарен и на опозицијата што до крајна инстанца не опстојуваше во оние, да кажеме, индиректни намери со пријавувањето на голем број на говорници и во соодветно време со соодветна комуникација успеавме и успеваме да менаџираме соодветна динамика на случувањата на нештата во Собранието, рече Џафери.
Локалните избори претседателот на Парламентот ќе ги распише на 6-ти август, според сегашниот план и доколку нема промени во одржувањето на овие избори на 15 октомври.