Најславната вдовица на светот до крајот на својот живот остана уверена дека нејзиниот сопруг е убиен во атентат којшто го организирала група од моќници токму од САД.
Аудио траките коишто неодамна ги објави телевизиската куќа ABC, откриваат дека најславната вдовица на сите времиња, Жаклина Кенеди, во текот на целиот свој живот верувала дека за атентатот на нејзиниот сопруг во 1963-та година е одговорен потпретседателот Линдон Џонсон, пишува Irish Central.
Кенеди исто така верувала дека Џонсон во заговорот не бил сам, туку дека имал помош и од друга група од исклучително богати десничарски тексашки тајкуни.
Исповедта на сопругата на поранешниот американски претседател неколку месеци после убиството на Џон Кенеди ја снимил Артур М. Шлезингер Помладиот, еден од најреномираните историчари од своето време, којшто таа трака потоа ја пренел на безбеднo место, поточно во сефот на библиотеката на Кенеди во Бостон.
Во разговорот со историчаротот, којшто траел осум часа, поранешната прва дама на САД открила дека нејзиниот сопруг отворено ѝ се спротивставувал на идејата да го наследи Линдон Џонсон.
Според лично нејзина желба, снимената содржина не требало да биде објавена најмалку 50 години после нејзината смрт.
Меѓутоа, нејзината ќерка Керолајн одлучила да не ја послуша својата мајка, па аудиo снимките ги објавила после само неколку години откако Жаклина во 1994-та година почина од рак.
A ТВ компанијата ABC успеа да дојде до тие траки, откако склучила договор со Kеролајн којашто за возврат побарала ABC да го откаже прикажувањето на телевизиската драма за семејството Кенеди, којашто исклучително многу го вознемирила нејзиното семејство.
Инаку, случајот со убиството на Џон Кенеди е далеку од последните зборови на јавноста и историјата. Пред месец дена американскиот Национален архив објави листа од документи поврзани со едно од најважните, а истовремено и најтајни убиства во историјата.
Се работи за 3063 документи коишто Националниот архив ќе ги објавува до месец октомври, 2017-та година, нешто што го изгласала самата јавност врз основа на Законот за слободен пристап до информациите.
Но, сè уште постои можноста за претседателот, без разлика дали се работи за претходен, актуелен или иден, некој од тие документи да го прогласи за таен, иако тоа не е многу веројатно, со оглед на тоа колку време е поминато до сега.
Сепак, Националниот архив соопштил дека имињата и функциите на поединечни личности наведени во документите се трајно избришани, значи практично изгубени за сите времиња.
Документите ја опфаќаат студијата на ЦИА за личноста Ли Харви Освалд, како и обемна збирка од комуникации со директорот на ФБИ, Едгар Хувер.
Ќе биде исклучително интересно да се дознае што пишува во дописот на Хувер до државниот секретар за безбедност, како и наводно подолгата преписка на Хувер со врвот на комисијата “Ворен” за Џек Руби, припадник на мафијата и сопственик на ноќен клуб во Далас, којшто го уби Освалд два дена после атентатот на Кенеди. И тоа на сосема невообичаено место – во подрумот на даласката полиција.
Tocka.com.mk