Министерот за здравство Никола Тодоров денес одржа уште еден состанок со колегиумот на Клиниката за дигестивна хирургија на кој е одлучено поради смирување на состојбата во следните два дена Клиниката да не работи.
-Одлуката е во четврток и петок да не работат, односно да работат само за итни случаи, а се што е елективна хирургија и амбуланта да пренасочиме кон други две установи, стара Градска болница и кон „8-ми Септември“. Се случи многу сериозен криминален чин и со право докторите се револтирани и реагираат. Ние сме во комуникација со нив. Но, тоа што е најважно за нас е да се смири состојбата тука, да се создадат услови за нормално функционирање, а од друга страна ниту еден пациент да не трпи поради тоа, вели Тодоров.
Министерот за здравство додава дека иако вчера имало операции на Клиниката и се работело, сепак заеднички е одлучено дека потребно е време за смирување и стабилизирање на ситуација.
-Докторите се луѓе кои имаат чувства и се нашле во една сериозна ситуација, голем број од нив биле сведоци на овој криминален, нецивилизиран и примитивен чин и нормално е тоа да има негативно влијание врз нив, посочува министерот Тодоров.
Тој додаде дека ќе биде одржан уште еден состанок, а се разговарало и за организациски планови, обезбедување, како и евентуално активирање на камери.