Градоначалникот на општина Центар Андреј Жерновски денеска донесе решение со кое ја разреши Даниела Костадинова од должноста директор на општинското основно училиште „11 Октомври“.
– Советот на општина Центар вчера расправаше за состојбата во училиштето и констатираше сериозни нарушување на санитарно–хигиенската состојба, со што е загрозено здравјето на учениците, информира општина Центар.
Градоначалникот, како што се наведува во соопштението, ја утврди личната одговорност на директорката Даниела Костадинова за нанесената штета по здравјето на учениците и го донесе решението за нејзино разрешување, согласно член 133, став 2, алинеја 3 од Законот за основно образование.
– Жерновски оцени дека директорката Костадинова, како одговорно лице за правилно и законито раководење на училиштето, ги занемарила своите законски обврски и должности и придонела за нарушување на санитарно-хигиенската состојба и загрозување на здравјето на учениците, се вели во соопштението од општина Центар.