Докторите му го спасија животот на 35 годишниот Тони од Кавадарци


Има 35 години, а веќе го живее својот втор живот. Никогаш немал сериозни здравствени проблеми, но, ненадејно, силна болка во градите му го донесе најтешкиот животен предизвик.Тимот за интервентна кардиологија во Струмица, дијагностицирал тешко заболување на аортата, пренесува МРТ.

„Направивме ехо, ултразвук на срцето и видовме раслојување на ѕидот на аортата. Тоа е ургентна состојба во кардиологијата која што не се случува често, состојбата е итна и мора итно хируршки да се интервенира. Кога ќе дојде до раслојување на тој крвен сад тогаш се шири кон мозокот или кон срцето и може да доведе до застој на циркулацијата“, изјави за МРТ д-р Александар Алексиќ, кардиохирург од Србија.doktor_toni_thumb_medium500_281

Пациентот Димов бил итно испратен во Државната кардиохирургија во Скопје.

„Во раце ме пречекаа, кога се работи за млад живот те чекаат во раце“, вели Тони Димов од Кавадарци.

Македонскиот тим кардиохирурзи под менторство на докторите од Дедиње, веднаш почнале со оперативниот зафат. Лекарите велат, животот на Тони го спасиле навремената дијагноза и брзата реакција на медицинскиот тим.

„Во случјов направивме замена на асентната аорта на излезиштето на аортата со графт со тубуларен графт и реконструкција на залистокот, залистокот не е сменет туку е реконструиран што овозможува пациентот кој што е млад и има 35 години понатаму да не користи никаква терапија“, изјави проф. д-р Сашко Јовев, кардиохирург ЈЗУ Државна кардиохирургија.

За време на интервенцијата, во период од цели 25 минути работата на срцето и целата циркулација биле комплетно стопирани. Во ваков случај операцијата наложува исклучително ниска температура, за да се заштитат органите на пациентот. Во светот, ваквиот зафат се смета за еден од најкомплицираните.

„Пресудно беше време и брзина токму тоа, докторите од Струмица и докторите од Државна кардиохирургија голема благодарност до нив. Тие го спасија животот на брат ми… Ако не беше токму таа навремена интервенција мислам дека ситуацијата би била многу лоша“, вели Дејан Димов, брат на Тони.

Една недела по операцијата, Тони одлично закрепнува. Конечно е дома, во Кавадарци, со сопругата и нивните две дечиња. Тешките денови остануваат зад нив. Велат, среќни се што животот им нуди ново поглавје.

„Стравувавме за животот на сопругот, сепак денеска сме многу среќни затоа што тој е отпуштен од болница, во добра состојба, благодарност и до тимот од Дедиње затоа што тие го спасија животот“, вели Панда Димова, сопруга на Тони.

Уште една од многуте успешни приказни кои што се запишаа во Државната кардиохирургија. Во текот на изминатата година биле реализирани 40-тина операции.

Tags:

MK News

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1