Драма на патот Струмица – Радовиш. Во пукотницата повреден е еден од 28- те фатени мигранти , меѓу кои имало и деца на возраст од 5 до 13 години . Лицата биле од Сомалија, Сирија и Пакистан на пат од Грција кон Србија. Полицијата привела 5 – мина осомничени дека го организирале превозот на мигрантите.
Сонот за подобар живот во една од европските земји за 28 илегални мигранти од Пакистан, Сирија и Сомалија, синоќа завршил пред Радовиш. На делницата Струмица – Радовиш се одвивала нивната драма.
Сместени во пет автомобили со скопски регистарски таблички, петчлена криминална група ги внела во Македонија. Намерата им била истите да ги пренесе до северната граница со Србија и илегално да ги изнесе од земјата. Разоткривајќи го планот на групата, полицијата го блокирала патот. Возачите на илегалните мигранти не застанале на полицискиот знак, ниту по испуканите во воздух, предупредувачки куршуми.
– Едно од лицата кое управувало од возилата, тргнало во насока на полициската патрола. Еден од полициските службеници при обид да го запре возилото, пукал кон возилото, така што еден од куршумите го погодил возилото во багажниот простор. Констатирано е дека едно лице инаку странски државјанин, еден од илегалните мигранти има прострелна рана. Погоден е бидејќи се сокрил во багажникот. Веднаш му е укажана прва медицинска помош и истиот за натамошен лекарски третман е пренесен во Ургентниот центар во Скопје, информира Иво Котевски – портпарол во МВР.
Обидот за бегство на организаторите останал само обид до следната полициска патрола пред влезот на Радовиш. Два од петте автомобили со илегалните мигранти пред полицајците се судриле. На помалку од половина километар од судирот, во паника, илегалните мигранти и возачот го напуштиле третиот автомобил оставајќи го на патот. Четвртиот е запрен, а петтиот користејќи ја создадената гужва успеал да побегне и полицијата трага по него.
– За инцидентот веднаш е известен надлежен јавен обвинител, кој излезе на лице место и ја презеде истрагата, дополни Котевски –
Помеѓу 28-те илегални мигранти има и деца на возраст од пет до 13 години. За неполни десет дена ова е втора полициска акција со која се спречи обид за криумчарење на илегални мигранти во Македонија. Во првата, полицијата откри 154 илегални мигранти од различни возрасти од африканските земји и Блискиот исток. Групата беше откриена во товарен вагон на велешката Железничка станица.
Kanal5.mk