Еден нападнат полициски службеник, пронајдени неколку опаковки со бела прашкаста материја и едно лице лишено од слобода, е епилогот од синоќешниот претрес во вилата „Пијано“ лоцирана на улицата „Абас Емин“ во Охрид.
Полицискиот инспектор е нападнат кога во една просторија од вилата пронашол неколку опаковки со бела прашкаста материја сокриени во метална шина од преграда направена од кнауф. Во моментот лицето Џ.А.(43) од Охрид кој стопанисувал со вилата „Пијано“, побарал од полицискиот инспектор да не ги пријавува опаковките. Тоа било одбиено и при обид за продолжување на службените дејствија, Џ.А. со тупаници го удрил полицискиот инспектор во пределот на градите кинејќи му делови од облеката по што се обидел да ги оштети пронајдените опаковки. Тој бил спречен во неговата намера да продолжи со физичкиот напад врз полицискиот инспектор кој поради вложување на здравствената состојба, подоцна е пренесен во општата болница во Охрид.
Во врска со неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурсори и напад врз службено лице при вршење работи од областа на безбедноста, Џ.А. е приведен и задржан во СВР Охрид а потоа и лишен од слобода. Против него ќе биде поднесена соодветна кривична пријава.
Џ.А. веќе е на издржување затворска казна во казнено поправната установа-затвор Струга.