Изгаснат е пожарот кој вчера избувна во подрумските простории на зграда во населбата Пржино. Повредени се три лица кои вдишале чад и се пренесени во комплексот клиники „Мајка Тереза“, јавува МИА.
Станува збор за мајка и татко кои се пренесени на Клиниката за токсикологија, а 10-годишното дете од Токсикологија е препратено на Детската клиника.
Директорот на Клиниката за токсикологија Нико Бекаровски за МИА изјави дека двајцата пациенти се добри и во стабилна состојба. Најверојатно ќе бидат пуштени во текот на денешниот или утрешниот ден.
До рано утринава екипите од Бригадата за противпожарна заштита работеа на расчистување на пожарот.
Командирот на Бригадата за противпожарна заштита на Град Скопје, Звонко Томески изјави дека се работело за една од понапорните интервенции во последните 25 години. Интервенирале 30 пожарникари со седум возила и биле употребени над 70 апарати за дишење поради густиот чад од медицинскиот материјал којшто горел.
Пожарот избувна вчера попладне во подрумските простории на зграда на улицата „Баница“ во Пржино. Гореше медицински материјал од приватна аптека која овој простор го користела како складиште. Материјалната штета се уште не е утврдена.