На Универзитетската клиника за урологија ноќеска по подолг период направена е првата кадаверична трансплатација. Трансплантирани се бубрези кај двајца пациенти од починат донатор.
Министерот за здравство Никола Тодоров и тимот лекари што работеле на трансплантацијата денеска му се заблагодарија на семејството на донорот, кое, како што рекоа, ја почуствува големината на тоа да се овозможи да се спасат други два животи.
Тимот од околу 50 лекари и помошен персонал, кој ја направил трансплантацијата, според него, со многу оптимизам, напорно и со голема саможртва работел на реализација на проектот.
Директорот на Клиниката за урологија Михаил Пенев информира дека експлантацијата и трансплантацијата почнала во 1 часот по полноќ, а во 8 утрово интервенцијата била завршена.
На Клиниката за нефрологија, како што посочи директорот Александар Шиколе, во соработка со Институтот за трансфузилогија се изготвува листа за трансплантација и како резултат на тоа биле избрани двата најслични потенцијални пациенти на кои успешно им беа пресадени два бубрега.
Листата, која постојано ќе се обновува, според него, има 30-тина кандидати за кадаверична трансплантација.
Кадаверична трансплатација во Македонија последен пат е изведена во 1989 година.
МИА