Комисијата за деловнички и мандатно-имунитетни прашања ќе заседава после пладне, кога се чека претседателот на Собранието, Талат Џафери да се врати од службен пат. Ова за „Макфакс“ го потврдува Павле Богоевски, претседател на комисијата.
Крсто Мукоски, Сашо Василeвски, Јохан Тарчуловски, Љупчо Димовски, Жаклина Пешевска и Љубен Арнаудов се шестемина пратеници за кои Судот побара од Собранието да им се одземе имунитетот.
Според деловникот, Комисијата носи заклучок со мнозинство гласови, но конечната одлука за симнувањето на имунитетот ја носи Собранието, кое треба во рок од три дена да го усвои или да го одбие извештајот, а за тоа треба да гласаат 61 пратеник.
Претседател на ова собраниско тело е Павле Богоевски, а членуваат Мирослав Јовановиќ, Алескандар Кирацовски, Сашко Костов, Агим Шаќири, Трајко Вељаноски, Борис Змејковски, како и двајцата пратенци Крсто Мукоски и Јохан Тарчуловски, за кои се бара одземање на имунитетот. Ова деветчлено собраниско тело има исто толкав број заменици.