ЕДНА СОБА, КУЧЕ И МАЧЕ – ТОА Е СЕ’ ШТО МИ ТРЕБА – Хуманоста и даде на Персида шанса за живот


Младата Персида која довчера живееше како бездомник во импровизирана куќичка со 4 ѕида, сама и исплашена – со помош на добрите луѓе доби повторно шанса за нормален живот. Порталот Интервјуа.ком направи интервју со оваа храбра девојка која сама се бори низ животот. ви го пренесуваме во целост.
До пред помалку од една недела името на Персида Бачова беше тотално непознато за јавноста. А и тие што го знаеја (луѓе од институциите) немаа направено речиси ништо за да ја извлечат оваа девојка од очајните услови во кои живееше прилично долго. Таа има 21 година, мајка и татко, но целиот живот го има поминато во домови за деца без родители и како бездомник….

 

Пресвртот, за кој се надевме дека ќе биде траен, се случи пред неколку дена, кога сосема случајно нејзиниот „дом“ го видоа две хумани жени, а потоа ним им се придружија уште неколку, нудејќи го она што на Персида најмногу и’ треба: покрив над главата, нормален кревет, можност да се избања, и пред се’, спокојство. Во моментов, девојката е сместена привремено во куќа каде што ја отворија вратата за неа, иако не ја познаваа, и се надева дека државата ќе го направи многу брзо она за што е обрзана со законот – да и’ најде соодветно сместување.

Кажи ни нешто за себе. Од каде си, каде живееше целото ова време, што е со твоите родители?

Родена сум во Велес, и уште како бебе од два месеца, мајка ми ме оставила на улица, покрај канта за ѓубре. Ме нашла некоја жена и го пријавила тоа, но бидејќи ни еден од родителите не сакал да се грижи за мене, ме однеле во домот за деца без родители во Битола. Таму останав до тргнувањето на училиште, кога ме префлија во домот „11 октомври“ во Скопје. Првите шест одделенија ги завршив во „Кочо Рацин“, и бев солидна ученичка – добра, многу добра, а потоа, поради некои причини бев преместена во домот „25 мај“ во Бутел, каде поминав пет години. Не би сакала да зборувам за тоа време, но верувајте дека имаше доста ситуации, кои ме натераа да избегам од таму на неполни 18 години. Оттогаш, значи три години сум бездомник.

Надлежните во „25 мај“ не го пријавија твоето бегство?

Тие го затворија случајот со објаснување дека сум се вратила во Велес.

Што не беше точно?

Не беше точно, бидејќи јас немам кај кого да се вратам во Велес. Двајцата мои родители се занимаваат со проституција и имаат проблеми со алкохол и со дрога. Контактирав со двајца постари браќа, но тие се во затвор. Така, што не ми остана друго освен да се снаоѓам сама, на улица.

Од што егзистираше во овој период?

Само од просење. Никогаш не сум украла ништо и не сум му се понудила на маж за пари, но не можев ни да најдам работа, заради мојата состојба. Кога ќе ме видеа извалкана и со искинати алишта, никој не сакаше да ме прими, макар и да му го исчистам дворот.

Каде се смести по бегањето од Домот?

Прво спиев во просторот меѓу подрумите на една зграда во Капиштец. На почетокот станарите реагираа бурно, но кога видоа дека не крадам и сум само исплашена, ми дозволија да останам таму одредено време. Тоа траеше шест месеци, по што морав да заминам. Потоа, малку ги поминував ноќите на отворено – во паркови, на клупи, покрај детски лулјашки…, додека не ја најдов куќата каде што ме открија неодамна. Една жена, исто така бездомничка, ме упати на тоа место и отидов.

Тоа е куќата со три ѕида и плакар место четврти, бидејќи тој ѕид е уништен од влага?

Да, покрај паркингот на хотелот „Холидеј Ин“. Во првите месеци живеев во бањата, на свеќи, зашто таму нема вода и струја. Газдата сфати дека немам пари да платам и ми дозволи да останам бесплатно. Потоа ме префли на горниот кат, каде, иако е собата со три ѕида, барем има кревет. Во бањата спиев на душек на подот.

Можеше да одржуваш лична хигиена? Се бањаше ли воопшто?

Само во лето. Земав вода од соседната перална за возила, ја носев во канти или шишиња, и се бањав во леген. Во зима не, затоа што не можеше да се затопли собата. Освен ако најдев дрва да го запалам ќумбето, но тоа беше ретко. Практично, се откажав од бањање. А, и докторот ми препорача така, бидејќи веќе имам неколку болести поврзани со живеење во студена просторија: реума, проблеми со бубрезите, хронично воспаление, напади на гушење… Социјалната помош ја трошам најмногу за лекови. Имав и четка за заби, но ми ја изгризаа стаорците во куќата, па забите ги миев со прсти.

Што ти е најголем проблем?

Стравот. Покрај куќата каде што спиев, поминуваа навечер разни луѓе, тропаа и викаа, зашто знаеја дека сум сама. Сум била и многу тепана, па се плашам од се’.

Иако немаше ниту за себе, ти собираше бездомни кучиња и ги носеше кај тебе.

Да, јас сум голем љубител на животните. Уште во домот „25 мај“ почнав да се грижам за тие што беа во околината, а откако сум сама тие ми станаа се’: роднини, браќа, сестри, другари… Со нив и си зборувам: „Нас никој не не’ сака, оставени сме сами, сите не’ заборавиле…“. Една вечер, кога немав ќебе, три кучиња легнаа врз мене и ме стоплија. А, почнав со пет мешанци, кои беа уште бебиња и ми беше жал да ги оставам на улица. Ги прибирам, им давам храна, ако се болни ги чувам додека не оздрават и потоа ги пуштам. Досега сум имала повеќе од 25. Јас се навикнав да јадам по еднаш на ден (супа, стар бурек…, било што), така што ми останува доволно за нив. А, и парите што ги заработувам од просење најмногу ги трошам за кученцата. Многу ми помага доктор Диме Велковски, кој излечи неколку бесплатно.

Кученцата беа повод да се дознае за тебе.

Точно, јас имав неколку мали, кои сакав да ги подарам на заинтересирани луѓе, па замолив да ми направат една слика и да ги прикажат. Кога дојдоа за кучињата, видоа каде живеам, се шокираа и решија да ми помогнат.

Сега си привремено сметена во дом каде што ги има сите услови за нормален живот. Се навикнуваш ли?

Многу сум благодарна на госпоѓата Даниела, која ме прими кај себе, иако не ме познаваше и изгледав целосно запуштено, а таа има дете. Првпат по долго време овде се избањав со туш и со топла вода, и полека се навикнувам да мијам раце и лице, да јадам трипати на ден… Задоволна е од кафето што и’ го направив, а ме научи и како се варат макарони. Овде ми е многу убаво, но знам дека е ова за одредено време. Мене ми треба само една соба и веце, со струја и со вода. Само толку. Кога би можела да се средам, верувам дека некој и ќе ми даде работа, за да се грижам самата за себе.

Што би работела?

Хигиеничарка. Јас се обидував да се понудам во неколку згради, но ме упатуваа на фирми за чистење, а таму никој не ме прифаќаше заради мојата состојба. А и се плашам дека би можело да ја загубам социјалната помош од 4.000 денари доколку се дознае дека имам било какви приходи.

Што сакаш најмногу да имаш?

Топол дом, мир, спокој, да можам да го заборавам тоа што ми поминало во животот. Голема желба ми е да си ги вратам животните назад. Со нив сум најсигурна. Соба, куче и маче – тоа е се’ што ми треба. Би сакала и да научам како се лечат. Свесна сум дека не можам да станам ветеринар, но барем да знам како да им помогнам кога нешто ги боли.

Даниела Стефановска, жената која ја прими Персида

ТАА Е ОД ДОМ ЗА ДЕЦА БЕЗ РОДИТЕЛИ, И СПОРЕД ЗАКОНОТ И’ СЛЕДУВА ЗГРИЖУВАЊЕ

Даниела Стефановска е жената која ја прими Персида кај себе и и’ овозможи да ја почувствува сигурноста на нормалниот дом. Но, во случајов, не само што прави хуман гест, туку како дипломиран социјален работник се обидува да разјасни и некои недоумици.

Се појавија коментари дека на девојката и’ била понудена помош од институциите, но ја одбила. Што, всушност, и’ било понудено?

Според она што таа го кажува, од страна на Министерството за труд и социјална работа, преку центрите за социјална работа и’ е понудено да живее со својата мајка во Велес, а Центарот да и’ плаќа на мајката да се грижи за неа. Но, според Персида се работи за личност која од бебе ја има оставено во дом и која со години, и до денес, се занимава со проституција, што веројатно му е познато на Центарот во Велес. Тоа е причината зошто ја одбила таква форма на заштита.

Исто така, и’ било понудено да се всели во неков дел од воен објект, стражарница или нешто слично, но тој бил без врата и прозорци, односно нефункционален за живеење. Објаснување од Центарот било дека постојаната парична помош од 4.000 денари, што ја прима, може да ја искористи за купување на тие градежни елементи. Меѓутоа, сосема е јасно дека Персида не е во можност да вложува во тој објект. Затоа е одбиен и тој предлог. Од страна на Центарот за социјални грижи во Скопје, понудено и’ е да биде сместена во Шелтер центар за бездомници. Но, во моментов таму се наоѓаат најверојатно повеќе од 50 корисници, претежно машки лица, од различна структура, со различна проблематика.

Поради таквиот момент – голем број непознати машки лица – Персида не сака да биде згрижена во тој центар, бидејќи таа навистина има големи проблеми во социјалниот контакт, особено со мажи, поради траумите што ги преживеала во минатото. Од неодамна понудена и’ е можност да се смести во Шелтер центарот за жртви на семејно насилство. Ја одбива и таа понуда, бидејќи се работи за колективно згрижување, бидејќи има голем проблем со колектив околу себе. Понудено и’ е да биде сместена во Шелтер центар за социјално загрозени лица, но таму пак, се наоѓаат семејства кои не примаат никаква социјална помош, наркомани, алкохоличари итн. Имајќи во вид дека Персида има страв и е со низок степен на социјализација, разбирливо е зошто овие форми ги има одбиено. Она што државата го пропуштила е да и’ се понуди сместување во социјален стан, како дете кое е израснало низ институциите за згрижување на деца без родители и родителска грижа. Или доколку сите станови, предвидени со закон за таа намена се зафатени, да и’ ја плаќа наемнината за нормално место за живеење. Дури и да не е бездомник речиси три години, и да била згрижена кај пријатели, на Персида тоа право и’ следува со закон.

Колку може да вклучи во нормалниот тек на живот?

Интимно, таа е страшно потресителен случај, со премногу трауматизирани и измешани чувства. Ќе се потрудам да и’ се обезбеди добар психолог, кого ќе го посетува барем еднаш неделно. Мислам дека тој ќе може многу повеќе да и’ помогне отколку јас. Персида раскажува многу страшни приказни, но никој од нас не може да застане зад нив и да каже дали тоа е целосно така или не е. Евидентно е дека на многу рана возраст има доживеано голема траума, а бидејќи таа не била ниту третирана, ниту санкционирана, потоа секоја ситуација која и’ предизвикувала одреден револт, правела да ја доживее и одживее на специфичен начин. Во моментов, најважни се сместувањето и работата. Ако некој и’ понуди работа, ќе треба тоа да го направи во почетокот од хуман аспект, а дури потоа да очекува вистински работник од неа. Таа е вредна и добро се носи кон хигиена на простор, иако кон самата себе нема навики, затоа што немала услови за тоа. Но, за хигиена на простор гледам дека е во ред и тоа би можела да го работи добро.

Како се случи да дојде кај Вас?

Се’ се одвиваше многу брзо. Во минатата среда седнав на мојот Фејсбук и добив поделен пост од еден пријател, кој исто така се занимава со социјална дејност. На постот имаше приказна, што ја напишала активистка на здружение за заштита на животни, а со Персида за запознала затоа што оваа вдомила неколку бездомни кучиња и мачки, во руината во која и самата живеела. Ја прочитав приказната, стапив во контакт со здружението на невладини организации, кои веќе имаше покренато акција за собирање донации и го понудив мојот дом за нејзино привремено сместување, додека не се најде подобро решение. Тие ми се јавија и од петокот Персида е кај мене.

Рената Хјуиќ, од неа почна се’

ДА НЕМАШЕ БЕЗДОМНИ КУЧИЊА, ВЕРОЈАТНО СЕ’ УШТЕ ЌЕ БЕШЕ НА УЛИЦА

Рената Хујиќ е активистка за заштита на животните, особено бездомните. Преку својата фејсбук страница „Спас за животните“ и редовен телевизиски настап на „Сител“ го години се обидува да им најде дом на уличните кучиња и мачки. Преку неа јавноста дозна за Персида Бачова.

Како слушнавте за Персида?

На мојата фејсбук страница ми пратија слики од четири кученца, и мала приказна дека е таа бездомна девојка. И’ се јавив да проверам дали се кученцата веќе вдомени некаде, и тоа беше нашиот прв директен контакт.

Се договоривме да дојдам кај неа и да ги сликам кучињата, за да имаме повеќе фотографии. Првиот пат се задржав само во дворот, малку разговаравме и не добив вистинска слика за условите во кои живее. Бидејќи учествувам во утринската програма на „Сител“ во сабота, ја однесов со кученцата за да го искористиме медиумот и да им најдеме побргу соодветен сопственик. Кога се вративме од таму, влегов во куќата, односно во просторот каде што таа живее. Тоа беше шок од секој аспект. Од следниот ден почнав да прашувам по телевизиите дали би можело да се обелодени нејзината судбина, но најчестиот одговор беше дека е тоа „веќе видена приказна“.

Така, мојата сроботничка од „Спас за животните“, Тања Ташева ги направи сликите и го напиша текстот, што го објавивме на страницата. Од тука почна се’. Сите што го прочитаа беа потресени. Така тоа дојде до Даниела Стефановска и до многу други луѓе, кои се јавија за да помогнат, да донираат нешто. Интересно, но да немаше Персида бездомно куче, веројатно се’ уште ќе беше на улица. Се надевам дека ќе се покаже оти имала среќа и за неа, што им помогнала на тие на кои им требала помош.

Share Button

Tags:

MK News

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1