Скопјанецот Ѓорѓи Топаловски, кој е осомничен за двојно убиство во 2007-мата година, синоќа е успешно екстрадиран во Македонија.
-Без никакви инциденти или проблеми истиот беше преземен од шпанските власти и доцна синоќа доведен на скопскиот аеродром „Александар велики“ од каде со засилено полициско обезбедување беше спроведен во Истражниот затвор Скопје. Со неговото спроведување во затворот, практично заврши и последната фаза од процедурата на екстрадиција која беше отпочната во август 2012 година, соопштуваат од МВР.
Осомничениот за двојното убиство во 2007-ма година на булеварот „Илинден“ кај Зоолошката градина, Ѓорги Топаловски синоќа бил екстрадиран од Мадрид каде беше депортиран по неговото апсење во доминиканската Република во август 2012.
Засега е познато дека тој слетал на аеродромот во Скопје и веднаш бил превземен од македонската полиција и упатен во истражниот затвор Шутка. Детали за случајот, МВР најавува за во 12 часот, кога ќе одржат прес-конференција.
Четириесетгодишниот Топаловски се бараше поради сомнение дека на 22 ноември 2007 година ги убил Андреј Филип – Џиџи (35) и триесетгодишниот Новица Благоевиќ – Моско од Скопје, а потоа ги прегази со неговиот автомобил.
Топаловски, според обвинението, ги убил двајцата скопјани бидејќи подолго време им должел 10.000 евра кои му ги дале под лихва.