На лидерот на СДСМ, Зоран Заев, му се заканува затворска казна од најмалку четири години, според членовите од Кривичниот законик, на кои се повикува МВР, а по информацијата дека Заев е осомничен во акцијата „Пуч“. Од министерството истакнаа дека „40 годишното лице од Струмица, лидер на политичка партија, се товари за „Насилство спрема претставници на највисоките државни органи“ од чл.311 в.в чл.19 сторено во обид.
„Тој што со намера да го загрози уставниот поредок или безбедноста на Република Македонија со сила или со сериозна закана ќе го спречи нешто да стори или ќе го присили нешто да стори или да не стори во вршењето на неговата должност претседателот на Републиката, на Собранието, на Владата, на Уставниот суд или на Врховниот суд на Република Македонија, ќе се казни со затвор најмалку четири години“, стои во член 311 од Кривичниот законик.
Во член 19, пак пишува: „ (1)Тој што со умисла ќе започне извршување на кривично дело, но нема да го доврши, ќе се казни за обид на кривично дело за кое според закон може да се изрече затвор од пет години или потешка казна, а за обид на друго кривично дело само кога законот изречно пропишува казнување и за обид. (2)Сторителот ќе се казни за обид во границите на казната пропишана за кривичното дело, а може да се казни и поблаго, се наведува во член 19 од Кривичниот законик.