Еве што порача Пендаровски – цело обраќање


Почитувани граѓани,

Ви се обраќам по повод последните одлуки на Советот на Европската унија во однос на определувањето на датум за почеток на преговори за членство на нашата држава во унијата.

За жал, заклучоците на Советот не се во согласност со нашите оправдани очекувања и сигурно не се во рамките на претходните најави на самата Унија.

Разбирливо е што во овие моменти кај многумина постои чувство на разочараност, меѓутоа, емоциите на страна, мораме трезвено да се соочиме со новата реалност.

Ниту една политичка одлука не е за вечни времиња, ниту еден развој на настаните не е конечен.

Неколку искуства од годините на нашата независност зборуваат во прилог на оваа моја констатација.

Но, пред да донесеме одлука за тоа како понатаму, важно е да разбереме зошто некои одлуки се такви какви што се, а не такви како што со право очекувавме да бидат.

Имено, неспорно е дека ги исполнивме сите предуслови за почеток на преговорите и тоа беше констатирано на претходната средба на Советот во јуни, кога без други забелешки, беше заклучено дека од технички причини поврзани со временскиот лимит, по штотуку завршените евро-избори, одлуката ќе биде донесена на самитот во октомври.

Сите информации што ги имавме за разговорите, пред и за време на самитот, неспорно зборуваат за концепциски разлики меѓу носечките држави членки на ЕУ во однос на процесот на проширувањето.

Дел од тие забелешки се однесуваат на методологијата за водењето на претпристапните преговори.

Мојот став од почетокот беше и останува дека предлозите за надградување на методологијата се добредојдени, затоа што заедничка цел е да се осигураат позитивните промени што треба да се случат во текот на процесот.

Меѓутоа, во позадината на сите преговори можеа да се слушнат и размислувања за градење на некаков посебен однос на Европската унија со државите од нашиот регион, различен од патот низ кој што поминаа сите некогашни кандидати за членство.

Почитувани, тие дилеми допираат до самата суштина на европската идеја, а, таа е дека сите држави на континентот, со исполнување на критериумите имаат право на полноправно членство во унијата.

Идејата за обединета Европа е право на сите Европејци и тоа никој не може да им го одземе. Ние сме европска држава и имаме право да бидеме дел од заедничкиот европски дом.

Почитувани граѓани,

Нашата држава има многу искрени пријатели и сојузници во Европа. Во овие моменти кога некои од нас се преиспитуваат, сакам јавно да кажам дека ние во Европа немаме непријатели, постојат само држави кои имаат свои специфични национални интереси кои ги штитат и во тоа нема ништо спорно.

Сведоци сме дека огромното мнозинство држави се бореа и се борат за нашите интереси како што се борат за сопствените национални интереси.

Нивната поддршка е искрена и без заддршка, а во тоа се уверив и за време на моите посети во Брисел, Берлин, Виена и Љубљана. Убеден сум дека сите тие ќе продолжат да не поддржуваат независно од развојот на настаните во иднина.

Сега е најважно ние самите, уште еднаш, да ги потврдиме нашите позиции во однос на евроатлантските интеграции кои немаат одржлива алтернатива.

Членството во НАТО ќе се случи наскоро, а членството во ЕУ, знаеме одамна, нема да биде задача само на една влада, на еден парламент или на еден претседател.

Убеден сум дека ако го сакаме доброто на сопствената земја, единствениот исправен пристап, имајќи ги во предвид новите околности е да бидеме уште порешителни во трансформацијата на нашето општество.

Ние не треба да бидеме само формално членка во унијата, туку реално да го усвоиме системот на вредности и нивна примена во секојдневниот живот на граѓаните.

Реформите во многу области, а особено функционирањето на правната држава, мора да продолжат и да се интензивираат без никакви калкулации.

Справувањето со организираниот криминал и високата корупција не се само услов за интеграциите, тие се, многу повеќе, нужност за опстојувањето на еден оддржлив правен поредок.

Европските стандарди треба да станат домашни стандарди. Ако нашите луѓе не видат европски стандарди на живеење, само формалното членство во Унијата не му е никому потребно.

Независно од заклучоците на Советот на ЕУ, договорите што ги постигнавме со нашите соседи Бугарија и Грција мораме да продолжиме да ги спроведуваме, онака како што е договорено, со фер пристап од сите страни, бидејќи тие се темел на добрососедските односи, но и на регионалната соработка и стабилност.

Исто така, внатрешните реформи за целосна интеграција и рамноправност на сите етнички заедници мораат да продолжат затоа што се предуслов за внатрешната кохезија и стабилноста на државата.

Почитувани граѓани,

Во овие моменти, најмалку што ни е потребно, е нашето незадоволство да го насочуваме кон одредени земји членки на Унијата и без потреба да ја трошиме енергијата во креирањето на политички тензии.

Токму затоа, во името на нашата иднина ги повикав раководствата на најголемите политичките партии, за момент да ги остават настрана своите легитимни партиски интереси и сите заедно да ја реафирмираме нашата визија за иднината на земјата.

За таа цел упатив покани за лидерска средба до претседателите на најголемите парламентарни политички партии и од власта и од опозицијата. Убеден сум дека токму сега е време да покажеме единство околу нашата стратешка ориентација, без разлика на легитимните политички разлики по многу прашања.

Сакам да ја информирам македонската јавност дека од сите поканети добив позитивен одговор и таа средба е веќе закажана за в недела, на 20 октомври.

Почитувани граѓани,

Сега не е време за разочарување, за апатија или за калкулации за добивање на ситни дневно-политички поени. Сега е време за повторно обединување околу она што ни е најважно во Република Северна Македонија – нашата иднина и иднината на генерациите што доаѓаат. Јас сум длабоко уверен дека само ако работиме заедно – ќе успееме!

Tags:

MK News

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1