Фергусон ги откри тајните пред студентите од Харвард


Тренерот на Манчестер Јунајтед, Сер Алекс Фергусон го посети Харвард Универзитетот во Бостон каде пред студентите откри дел од тајните на неговиот успех во менаџирањето на тимот.

fergusonЕден од најуспешните менаџери во историјата на професионалниот фудбал, Алекс Фергусон беше тема на академско истражување на професорката Анита Елберс од Харвард Универзитетот. Тој реши да ги посети студентите во Бостон и со неговото обраќање тој се отвори како никогаш до сега.

Ова се извадоци од неговиот говор:

„Еднаш слушнав како тренер им се обраќа на фудбалерите со „По 1000-ти пат ви зборувам…” на што еден фудбалер му одговори со „А јас сум ги преспал пола од твоите говори”.
Затоа јас им раскажувам различни приказни и ја употребувам имагинацијата. Се сеќавам кога бев на концерт на оперскиот пеач Андреа Бочели. Го гледав концертот и размислував за тимскиот дух и координацијата. Потоа на тренингот им раскажував на моите играчи за оркестарот и за како тоа тие делуваат како перфектен тим.”

„Ги менувам тактиките во зависност од противникот. Се концентрирам на еден или двајца влијателни фудбалери од противничкиот тим. Кој ги изведува слободните удари? Кој ја има постојано топката? Кој најмногу се залага?
Петокот пред натпреварите со моите играчи анализираме видео материјали од противникот. Ги анализираме нивните силни страни и слабости. Целото останато време сум фокусиран на мојот тим.”
„Помеѓу двете полувремиња имам само околу 8 ефективни минути за да им се обратам на фудбалерите затоа во последните минути од првото полувреме јас размислувам за тоа што ќе зборувам.
Не си запишувам забелешки. Гледам дека други тренери го прават тоа, но јас не сакам да пропуштам од натпреварот за да запишувам, а и не можам да се замислам како на полувреме во соблекувална им се обраќам на фудбалерите читајќи од ливчиња.”

„Првата работа која 99% од новоангажираните менаџерите ја прават е размислувањето за тоа како да победат за да опстанат и најчесто носат искусни фудбалери во тимот. Но јас мислам дека поважно е да се изгради структура за фудбалски клуб, а не фудбалски тим. Треба да имаш основа и нема ништо подобро од тоа да видиш како еден млад фудбалер се пробива во првиот тим.”

„Не можеш постојано да се дереш. Тоа не функционира. Никој не сака да биде критикуван.
Но во фудбалот мора да се укаже на грешките. Јас тоа го правам веднаш по натпреварот. Не чекам до понеделник. Го правам тоа и сум завршил. Од понеделник веќе размислувам на следниот натпревар. Нема поента да го критикуваш играчот постојано.”

Извор – Офф.нет

Перица Гиевски

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1