“Не мозе, не мозе”, и`рекол грчки цариник на фолк-пејачката Ирена Спасовска кога, пред десетина дена, со семејството тргнала на одмор. На граничниот премин Богородица, кога Ирена му го дала пасошот на цариникот, тој и` рекол дека таа за Грција е непожелна личност уште од лани, пренесува Вест.
“Минатата година не бев во Грција, летувавме во Италија и не знаев дека сум непожелна. Кога го прашав цариникот зошто, тој само дигаше рамена и ме упати да се обратам во грчката амбасада во Скопје. Ми рече само дека до 2013 година сум можела, а сега веќе не. Но, сфатив зошто е така. Пред две години пеев на егејските средби во Овчарани и сите наши пејачи што пееја таму, подоцна не можеа да одат во Грција, беа прогласени за непожелни”, вели Ирена.
Одморот пропаднал и Ирена се вратила со семејството дома. Во Скопје се обратила до нашето Министерство за надворешни работи.
“По службена должност, од нашето министерство до грчкото испратија писмо. Но не добиле никаков конкретен одговор, освен дека нивно право е кого ќе пуштат во Грција, а кого не”, вели пејачката.
Ирена, со семејството, во Охрид, го почна двомесечниот одмор. Денски се одмора на охридските плажи, а навечер настапува на иселенички средби.