Одгледувањето на овие култури има за цел на астронаутите да им се обезбеди храна во текот на повеќемесечниот престој на станицата, но и да се провери дали билките кои растат во вселената трпат генетски промени
Руските астронаути ја објавија првата берба на зеленчук, кој го засадиле на Меѓународната вселенска станица. Воодушевени од експериментот, научниците на вселенската станица прецизираат дека „вселенските“ плодови можат да се јадат.
-Пробата со грашокот дава посебна надеж- тврдат тие. Астронаутите успеале да одгледаат и јапонски зеленчук и пченица чии зрна се со одличен квалитет, тврдат тие. Руските астронаути планираат до идната година да одгледаат и грав, домати и пиперки во стаклената градина на станицата, на која претходно мора да извршат одредени поправки.
Моментално станицата се снабдува со храна од Земјата. Пред неколку недели на астронаутите со комерцијален лет им се доставени 1.300 килограми опрема и храна. На почетокот на годината, американската вселенска агенција НАСА, соопшти дека векот на станицата ќе биде продолжен за четири години, благодарение на финансиските гаранции на американската влада.













