Бездомничката Фани Ерште, која веќе 19 години живее на улица, ќе се кандидира за претседател на Слованија.
Ерште, пред два дена во Љубљана ја презентираше својата програма пред медиумите. Мотив за кандидатурата е „да ја спаси Словенија која пропаѓа“ . Според неа, Словенија тоне и под итно се потребни промени.
За да се кандидира за претседател на изборите кои ќе се одржат на 11-ти ноември годинава, Ерште, како независен кандидат, треба да собере доволен број на потписи од граѓаните. Таа искрено се надева дека ќе успее да го постигне тоа, затоа што, како што вели, речиси сите ја познаваат.
Политичката кампања планира да ја финансира сама, но изјави дека не би одбила добротворни прилози.
Во својата програма, Фани Ерште најавува решавање на проблемите со ромската популација, општествената нееднаквост, здравството и пензионерите.
Исто така, Ерште изјави дека доколку биде избрана за претседател на Словенија, ќе направи се’ што е можно да го реши проблемот со словенечките тајкуни.
Покрај Ерште, кандидатури најавија поранешниот премиер, социјал-демократот Борут Пахор, сегашниот претседател Данило Турк, Милан Звер со поддршка од Словенечката демократска партија и партијата Нова Словенија. Змаго Јелинчич Племенити е поддржан од Словенечката национална партија и како независен кандидат во претседателската трка ќе учествува политичарката Моника Малешич.