Екипажот на француската авиокомпанија Air France побара пари од патниците кои се упатиле кон Дамаск, бидејки во Сирија не им било дозволено за гориво да платат со кредитни картички, изјавија од компанијата.
-На крајот успеавме некако да се договориме, велат од компанијата.
Авионот, кој требаше во средата да следа во Бејрут, вечерта поради граѓанските немири во главниот град беше пренасочен за Аман, но поради недостаток на гориво беше принуден да слета во Сирија.
Кога немирите во земјата ескалираа, Air France уште во март, ги запре своите летови до Дамаск, а и односите помеѓу Франција и Сирија беа нарушени откако Париз бараше повлекување на претседателот Башар ал-Асад.
-Поради лошите односите меѓу двете земји, како и поради состојбата во Сирија, патниците беа навистина загрижени бидејќи авионот требаше да слета таму, изјави пријател на еден од патниците за Ројтерс.
Потпаролката на Air France вели дека кога авионот слетал на аеродромот во Сирија, локалните власти им соопштиле дека нема да прифатат наплата на горивото со кредитни картички, туку дека можат да платат само во кеш.
Таа додаде дека за да се избегнат понатамошни непријатности, од патниците било побарано доколку можат да издвојат пари, за да може во готово да се плати горивото.
Потпаролката на крајот додаде, дека сметката била целосно платена, и дека немало потреба да се земаат дополнителни парични средства од патниците. Но таа одби да одговори колку всушност чинело горивото и како биле обезбедени парите од страна на компанијата.
Авионот кој тргна од Париз, полета два часа откако слета во Дамаск, а една цела ноќ мина во Кипар. Се очекува авионот да пристигне во Бејрут во четврток вечер.
Европската унија воведе серија санкции за Сирија, вклучувајќи и забрана за сириската авиокомпанија. Авионите не смеат да слетаат на ниту еден аеродром во Европа, но сеуште можат да летаат преку територијата, односно воздушниот дел на Европа.
Францускиот министер за надворешни работи Лорен Фабиус во четвртокот вечерта пристигна во Бејрут, како дел од тридневната посета на регионот да се добие поддршка пред почетокот на министерскиот состанок на Сирија во август која ќе се одржи во седиштето на Обединетите нации. Франција во моментов претседава со Советот за безбедност.