Скопје повторно ќе биде погоден од силен земјотрес, затоа што е град што се наоѓа на трусно подрачје, оцени директорот на Институтот за земјотресно инженерство и инженерска сеизмологија од Скопје (ИЗИИС), Михаил Гаревски.
– Силни земјотреси се случуваат на секои 300 до 500 години, но тоа не ни гарантира дека не би можел да се случи и утре или наредната година. Со сигурност може да се каже дека повторно ќе има силен земјотрес, но веројатноста дека тоа ќе се случи во блиска иднина не е толку голема – посочува Гаревски.
Тој смета дека скопјани не треба да се плашат, бидејќи по земјотресот од 1963 година се градат асеизмички објекти.
– Генерално, во Скопје се гради добро, бидејќи постои традиција по 1963 година. Проблем претставуваат само зградите што се доградуваат и надградуваат, особено оние со носечки ѕидови што се изградени пред земјотресот, бидејќи за нив е најтешко да се направи статиката.
Мислам дека во Законот за градење недостасува член со кој би се забранила надградба на објектите изградени пред земјотресот. Јас се залагам да се забрани секаква надградба без да се докажува дали објектот е добар. Подобро е да се урне стариот објект и да се изгради нов, отколку да се надгради – потенцира Гаревски.
Според директорот на ИЗИИС, зградите паѓаат како резултат на лошо проектирање и поради лошата изведба.
– Кај нас најголемиот број згради се со голем квалитет. Факт е дека до деведесеттите години од минатиот век контролата беше поголема. Редовно се правеа ревизии и динамички анализи. Населбите Аеродром, Капиштец и други беа контролирани од ИЗИИС. Од 1990 година наваму се случува понекогаш да не се води сметка. Постои некој мал број објекти што не се добри – посочува Гаревски.
МИА