Германците не сакаат да летуваат во Грција, а главна причина е тоа што истражувањата покажуваат дека тие и не се добредојдени таму.
Кризата во пореметените односи меѓу земјите, германските политичари се обидуваат да ја надминат со летување во Грција. Но наспроти нивните обиди, граѓаните на Германија ја избегуваат и одат на одмор во Италија, Шпанија, Турција или Хрватска.
Инаку, со години на Германците омилена дестинација им беа грчките острови и плажи.
Минатата година, за време на годишните одмори, Грција ја посетиле над 2,5 милиони германски туристи, а оваа година посетеноста е помала за 50 отсто.
Поради строгите мерки за штедење, германската канцеларка Ангела Меркел е меѓу најомразените политичари во Европа, а најмалку ја сакаат во Грција, земјата која се бори со огромни долгови.
Дека еден од главните фактори за недоаѓањето на Германците кај нашиот јужен сосед е политичката нестабилност, покажува и фактот што 10 дена по изборите во Грција, кога сеуште не се знаеше победникот, дури 10 илјади Германци ги откажале аранжманите за летување во оваа земја.