Поради зголемената појава на глодари во овој период од годината, а со цел заштита на здравјето на населението и превенција од ширење на заразни заболувања, Министерството за здравство информира за заболувањето туларемија (меѓу луѓето позната и како „зајачка треска“), односно за начинот на пренесување, симптомите, клиничката слика, како и превенцијата и начините на сузбивање на ова заболување.
Туларемијата е заразна болест, причинета од бактерија, од која заболуваат и луѓето и животните. Станува збор за бактерија која е отпорна на надворешната средина и долго се одржува во лешеви на умрени животни, во почвата, во површинските води, како и во прехранбените продукти. Оваа бактерија е отпорна на ниски температури, додека високите температури брзо ја уништуваат, а од дезинфекционите средства најчувствителна е на хлорните препарати.
Туларемијата е примарно заболување на голем број животни, меѓу кои домашните и полските глувци, зајаци, стаорци, водени стаорци,верверици, дабари, ракуни, како и којоти, лисици и други животни. Домашните животни многу поретко заболуваат, но сепак инфекција е утврдена и кај овци, мачки, кучиња и свињи. Станува збор за заболување (зооноза) кое што примарно се јавува кај животните, а често се пренесува од нив на луѓето. Меѓу глодарите, ова заболување најчесто се шири преку крлежи и вошки.
Начините на кои човекот може да се зарази со туларемија се следните: со директен контакт со заразени животни, при каснување од крлежи, вошки, и други инсекти, при вдишување прашина контаминирана со бактерија на туларемија, како и при пиење контаминирана вода или консумирање контаминирана храна (на пример, недоволно термички обработено месо, на температура пониска од 70 Целзиусови степени).
Инкубацијата на ова заболување трае од 3-7 дена, а заболувањето почнува со појава на општ инфективен синдром: покачена температура, треска, потење, интензивни главоболки, болки во целото тело и општа слабост. Болеста вообичаено трае од 2 до 4 недели.
Во зависност од начинот на пренесување, заболувањето може да се манифестира со кожна промена или оток на лимфните жлезди, бронхопневмонија, или болки во стомакот, повраќање, проливи.
Туларемијата успешно се лекува со антибиотици и со симптоматска терапија и рехидратација .
Со цел превенција и заштита од ширење на заболувањето, луѓето треба да избегнуваат секаков контакт со крлежи за време на престој во природа и да употребуваат соодветна заштита (ракавици, чизми, заштитни маски). Оваа препорака особено се однесува на лицата кои поради својата професија, или рекреативно, почесто престојуваат во природа или се во директен контакт со животни и нивни продукти. При евентуално каснување од крлеж, лицето треба да се јави на доктор, со цел отстранување на крлежот, како и совети за понатамошен третман.
За превенција од ова заболување, особено е важно одржувањето лична хигиена, добро миење на овошјето и зеленчукот, добро термички обработена храна, пиење безбедна вода, да се избегнува капење во застоени води, како и храната да се чува покриена и заштитена од глодари или инсекти. Воедно, потребно е редовно вршење дератизација (уништување на глодарите) во консултација со подрачниот Центар за јавно здравје, доколку истите се забележат во индивидуални куќи, како и во поголеми населби, се наведува во соопштението од Министерство за здравство.