Годинава најмногу поплаки за потрошувачките права


По осум години првпат во овогодинашниот извештај на Народниот правобранител на прво место се поплаките на граѓаните за потрошувачките права, посочи во интервјуто за МИА народниот правобранител Иџет Мемети.


– Можеби ќе ве изненадам, но бројките се тие, оваа година не се на прво место претставките за правосудството, туку поплаки на граѓаните за потрошувачките права. Потоа следи правосудството, работните односи, казнено поправните и воспитно поправните установи, имотно-правните односи, пензиското и инвалидското осигурување, како и социјалната сигурност и социјалната заштита, рече Мемети.

Имајќи го предвид фактот дека приливот на граѓаните кои бараат заштита на нивните права е во постојан пораст, според него, тоа значи дека се уште е голем бројот на повреди на нивните права.
Говорејќи за отвореноста и комуникацијата на Народниот правобранител со органите кои ги контролира, Мемети рече дека се уште има место за подобрување на таа комуникација.

– Но, би сакал да ја издвојам отвореноста и добрата комуникација на Министерството за внатрешни работи, особено за делот на работата на Народниот правобранител – Национален превентивен механизам (НПМ). Ова е пример за добра комуникација, која се должи на познавањето на тоа што значи и која е улогата на народниот правобранител – Национален превентивен механизам. Посакувам ова да го следат сите други институции, додава тој.

Мемети утре ќе го добие одликувањето Орден за граѓански заслуги што му го додели Кралот на Шпанија Хуан Карлос Први. За него, како што вели, одликувањето е од исклучителна важност и претставува посебна почит за него како личност, а и за институцијата.
– Ова е чин на вреднување на напорите што сум ги дал за остварувањето и заштитата на правата на граѓаните во Република Македонија, како и градењето мостови за ефективна борба за човековите права со колегите од другите земји, а со тоа и за развојот на демократијата во нашето општество.

Share Button
MK News

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1