Со големо мнозинство гласови добиени на вчерашните избори, актуелниот претседател на Руската Федерација Владимир Путин (66) и во следните шест години ќе остане на таа функција.
Путин освои гласови од 76,67 отсто гласачи и им се заблагодари на граѓаните за поддршката што му ја дадоа нагласувајќи дека во таа поддршка гледа доверба од граѓаните и надеж за понатамошен развој на државата.
Ги повика грѓаните на Русија да го задржат единството.
На второ место е Павел Грудинин, кандидат на Комунистичката партија со освоени 11,82 отсто гласови, а лидерот на Либерално демократската партија Владимир Жириновски е на трето место со 5,68 отсто освоени гласови, според 99,8 отсто преброени ливчиња.
Избирачката активност беше 67,4 отсто според Централната изборна комисија. На претходните таа беше 64 отсто.
Новиот мандат на најголемата држава во светот го освои во време кога односите на Русија со Западот се на „непријателска патека“.
Со победата, Путин на чело на државата ќе биде речиси четврт век, до 2024 година кога ќе има 71 година.
Ниту еден од останатите седум кандидати не претставуваше закана за него.
На опозицискиот лидер Алексеј Навални не му беше одобрено да учествува на изборите.
Путин е роден во Ленинград, денешен Санкт Петербург во 1952 година. Дипломирал право на Универзитетот во Ленинград во 1975 година и потоа регрутиран во КГБ.
Од 1985 година до 1990 година работел во Источна Германија. По обединувањето на Германија се враќа во Ленинград каде во јули 1990 година добива работа на Ленинградскиот универзитет на катедрата за надворешни работи.
Во 1991 година станува шеф на Меѓународниот одбор во Канцеларијата на градоначалникот на Санкт Петербург.
Во август 1996 година се преселил во Москва и станал член на администрацијата на претседателот Борис Јелцин. Бил шеф на Федералната служба за безбедност на Руската федерација од јуни 1998 до август 1999 година.
Во политиката го вовел првиот претседател на Русија Борис Јелцин.
На функција премиер е поставен во август 1999 година. Иако не бил член на партија го поддржувал Единство кои на изборите за Државната дума во декември 1999 година освоија најголем број гласови.
На 31 декември 1999 година Јелцин неочекувано поднесува оставка и го именува Путин за привремен претседател.
Претседателските избори се одржаа на 7 мај 2000 година и Путин победи во првиот круг.
Во мај 2008 година е заменет од Дмитриј Медведев, следниот ден станува премиер.
Премиер беше до 7 мај 2012 година и потоа повторно избран за претседател на Руската Федерација.
Беше оженет со Људмила со која има две ќерки – Марија и Екатерина. Се разведоа на 2 април 2014 година по 30 години брак.