Град Скопје: Налепниците се дел од системското решавање на аерозагадувањето


Проблемот со загаденоста на воздухот не е од вчера, туку е повеќедецениски и за чие решавање е потребен сестран интегриран пристап, со реализација на голем број активности и мерки на краток, среден и на долг рок.

Сигурни сме дека дел од решенијата нема да бидат популарни, но здравјето на граѓаните е од највисок приоритет и само со заеднички напори и жртва може да се постигнат резултати и подобрување на состојбата во оваа област, пишува во реакцијата на Град Скопје на денешната прес-конференција на членот на ИК на ВМРО-ДПМНЕ, Влатко Ѓорчев, поврзана со предлогот за воведување систем на налепници при регистрацијата на возилата според нивното загадување.

– Сакаме да ја информираме јавноста дека Градот Скопје, во рамките на своите надлежности работи на системско решавање на проблемот со загаденоста на воздухот, преку спроведување активности дефинирани со Планот за подобрување на квалитетот на воздухот кој опфаќа 53 краткорочни, среднорочни и долгорочни мерки, се наведува во соопштението на Град Скопје.

Според стручните студии за загадувањето на воздухот во Скопје, се посочува, сообраќајот и возилата се вториот по големина загадувач со учество од околу 20 проценти. Со цел намалување на загадувањето во оваа област, потребно е, наведуваат, да се реализираат проекти и мерки од сите институции кои имаат ингеренции и задолженија во оваа сфера.

-Токму во насока на намалувањето на загадувањето од областа на сообраќајот, Градот Скопје е во постапка на набавка на 40 нови еколошки автобуси, инвестира во подобрување на електромобилноста преку поставување полначи за електрични возила и овозможува бесплатно полнење и паркирање за овие возила. Дополнително, се работи и на подобрување на инфраструктурата и на условите за користење на велосипедот како превозно средство. Конкретните измени во Законот за возила, кои се на иницијатива на Град Скопје, се далеку поефективни и поправични во однос на алтернативата која се спроведува во некои метрополи, а тоа е забрана за користење на возилата по принципот пар-непар. Со овие измени се предвидува воведување еколошки налепници за возилата, кои ќе бидат поделени во три еколошки категории во зависност од европските емисиони стандарди (ЕУРО 1, ЕУРО 2, ЕУРО 3, ЕУРО 4, ЕУРО 5 и ЕУРО 6) и од погонот на моторот на возилото, (на течен нафтен гас или на компримиран земјен гас, на електричен погон или хибридно возило), посочуваат од Град Скопје.

Согласно со одлуките донесени од општините, односно од Град Скопје, се појаснува, во деновите кога ќе се утврди загаденост на воздухот над прагот на дозволеното во градските средини, се воведува ограничено движење во заштитени еколошки зони.

Паралелно со оваа постапка, Владата на Република Македонија ќе почне постапка за субвенционирање за набавка на нови хибридни и електрични возила, за кои ќе се предвидат субвенции од 5.000 евра во денарска противвредност за набавка на електрични возила, а 3.000 евра во денарска противвредност за набавка на хибридно возило. Дополнително, предвидени се и субвенции за надомест на трошоци за вградување уред на погон на ТНГ, метан или друг вид алтернативно гориво во постојните возила, стои во реакцијата на Град Скопје.

MK News

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1