Иро Ирополу е млада и позната грчка пеачка, која годинава е поканета да ги преставува боите на својата земја, на Интренационалниот музички фестивал „Охрид фест 2012“.
Денес, за прв пат, дојде во Охрид и е одушевена од градот. Патувала цели два дена, од остров до Атина, осум часа со брод , потоа со авион до Солун, од каде со автобус продолжила со својот асистент Крис Заферидис до граница и на крај со такси до Охрид.
Ова за неа е дополнителен ангажман летово, инаку, таа има ангажман за каков што може да сонува секој пеач.
-Ова лето јас сум на некој начин приватна пеачка, заедно со мојот бенд на еден од најлузксините бродови на Пападимитриу, еден од најбогатите светски сопственици на бродови, не само во Грција, туку и во Кореа, Бразил, каде не. Нема одмор, секоја вечер се пее. Кога му кажав дека сакам да одам на „Охрид фест“ веднаш одобри, ми рече- штом е за „Охрид фест“, може, ни раскажа младата пеачка.
Нејзиниот асистент Крис Заферидис, е претседател на еден од клубовите со еврофано во Грција, организатор на светскиот интернет Инфе фестивал, голем љубител на музиката, но во суштина, во Атина работи како прв секретар во Министерството за агрокултура, на Грција.
И Иро пред неколку години работела во грчката влада, а сега се одлучила да пее.
– Се радувам на моето доаѓање на овој фестивал. Ми причинува задоволство запознавањето со директорот Григор Копров, за кого имам многу слушано. И јас многу ги сакам Евровизиите. Ги знам сите евровизиски песни, а уште повеќе ме радува што ќе пеам покрај евровизиските ѕвезди Дадо Топиќ, Марко Кон, Алка Вуица (текстописец на „Хајде да лудујемо“ од Тајчи). Песната што ќе ја пеам носи наслов „Клидосо“ . Во неа станува збор за жена која го затворила своето срце за саканиот кој ја повредил. Ние жените од такви ситуации можеме да се браниме само со заборав. Да го затвориме срцето, како вратата од собата и да продолжиме напред кон љубовта, не свртувајќи се назад.
Планирам да внесам уметничка кореографија, доколку технички ми биде овозможено, и ќе сторам се, и баш ќе се жртвувам за мојата зејма утревечер да победи, насмеана ни рече 25 годишната Иро.