Грција и врачи протестна нота на Австрија поради средбата на министрите за надворешни и за внатрешни работи на сите земји од Балканската рута, како и Албанија, Бугарија и Црна Гора, свикана утре во Виена, на која Атина не е поканета.
Иницијативата на Австрија се оценува како непријателска кон Грција бидејќи одлуките што ќе се донесат за справување со бегалската криза директно ја засегаат Грција и нејзината граница. Премиерот Ципрас свика итен состанок со надлежните министри, поради стравот дека Грција ќе стане голем мигрантски камп.
Истовремено, министерот за миграциска политика Јоанис Музалас им се закани на соседните држави, кои не примаат бегалци.
,,Со некои од тие држави ќе се видиме во ЕУ, кога се распределуваат пари за земјоделство или за образование и кога ќе треба да ги поддржиме за членство‘‘, рекол Музалас
Последните чекори со рестриктивно пропуштање бегалци и враќање на Авганистанците од Австрија, па се до грчката граница, зборува за вистинитоста на едностраните чекори на Виена, наспроти одлуките на Советот на Унијата, на кои им претходеше и Загрепскиот протокол со кој единствена регистрација на бегалците ќе се врши на македонско-грчката граница и транспорт без дополнителни процедури до некоја од земјите членки на Унијата.
На обвинувањата Музалас дека со делумното затворање на границата Македонија го прекршила договорот од Брисел, од македонското МНР одговорија дека во однос на менаџирање на мигрантско-бегалската криза Македонија постапува согласно одлуките на земјите од балканската рута и ЕУ практиките.