Сакам да кажам дека ми е многу жал што господинот Заев повторно ја злоупотребува трагичната смрт на новинарот Никола Младенов во политички цели. Тоа СДСМ го правеа непрекидно и тој лично во минатите две години, особено во последните неколку недели и месеци.
Ова во вестите на Сител го истакна премиерот Никола Груевски, по објавувањето на денешната 30-та бомба на лидерот на СДСМ Зоран Заев.
-Но еве денеска последно излезе со обид за манипулација со чувствата на јавноста, чувствата на неговото семејство, но кога веќе тоа го прави би сакал да истакнам дека единствено што можам да кажам е дека можам да му се заблагодарам на Заев што иако колку и да се трудел да ги монтира, да ги сече и да ги лепи овие материјали, сепак е сосема јасно дека власта немала никаков удел во трагичната смрт на Никола Младенов, рече тој.
Овие разговори , рече, какви и да се и колку и да се креирани, покажуваат дека сите оние шпекулации и сите оние теории на заговор дека било нешто наместено, дека му била искреирана сообраќајна несреќа, затоа што бил критички кон власта, сите тие шпекулации и местенки, посочи Груевски, со кои не беше лесно да се живее две години.
-Ние две години живееме со тука и таму, јавни и полујавни шпекулации и теории на заговор дека нешто му се случило на него од страна на власта и дека ние веројатно и можеби нешто слично сме направиле за тој така да заврши, додаде Груевски.
Потенцираше дека може дамо да му се заблагодари на Заев, бидејќи со објавувањето на овие материјали, колку и да сакал да ги направи да изгледаат поинаку, секој што ги слушнал ќе му стане сосема јасно дека властите немале никаква улога во трагичното загинување на Младенов.
Груевски посочи дека што се однесува до Владата, до ВМРО-ДПМНЕ тие не само што се согласуваат туку и поддржуваат да има нова, дополнителна истрага, со вклучување ако сакаат и на членови на семејството, на представници на СДСМ или други политички партии, на експерти, новинари.
-Немаме ништо против, иако ние воопшто не се сомневаме во исправноста на постапката на обвинителите, во исправноста на постапката на институциите, меѓутоа еве заради поголема доверба во процесот, да не останат повторно некои шпекулации или дека нешто се прикрило, поддржуваме таква работа и што побрзо таа да се случи и да се реализира, истакна премиерот.
Премиерот истакна дека тој директно со министерката за внатрешни работи исконтактирал и таа му потврдила дека во записникот е внесена и таа гребнатина кој што била со некаква боја на задниот дел на возилото како и фискалните сметки. Практично, додаде тој, нема ништо сокриено.
Во однос на инцидентите и насилството врз новинарите премиерот Груевски истакна дека апсолутно осудува било какво насилство, особено насилство врз новинари.
-Невозможно е да се дојде на власт со насилство врз новинари кои што некому не му одговараат или не ги исполнуваат неговите желби. Тоа што вчера се случи со нападот на возилото на новинарката на Вечер, Ивона Талеска и на двајца сниматели со неа е тежок преседан за кој што ги охрабрувам сите институции да направат сериозна истрага да ги најдат сторителите и да ги извадат пред лицето на вистината. И ова почна да станува сериозна појава во СДСМ. Претходно ја демолираа канцеларијата на Радио слободна Македонија, слушнав дека проблеми имала и новинарка на МИА на некој од настаните. Така што станува веќе навика на СДСМ од нивниот гнев. Тие се длабоко внесени во еден гнев од кој што не можат да излезат и нив ги води гневот. Тоа е многу лошо кога некого го води гневот. Лошо е прво за него затоа што нема да ја постигне целта која што ја наумил, а второ е за сите во околината кои што ќе се најдат таму, истакна Груевски.
Премиерот во таа насока упати уште еден апел до граѓаните, порача да ги слушнат снимките, какви и да се креирани, лепени и монтирани, но настрана од воведот кој го дава Заев или пак насловите на медиумите финансирани од СОРОС и под контрола на СДСМ.
– Да не се потпира на нивни наслови или на она што е прераскажано во нив или пак да не се потпира на наративот, на воведот што го дава Заев на неговите прес конференции без лично да ги слушнат какви и да се, креирани, сечени и монтирани материјали, но барем да ги слушнат и со своја глава и со свој ум да видат што е вистината: дали тоа што го говори Заев во неговиот вовед е така или можеби е нешто поинаку, измонтирано итн. Ако го слушавме денеска, на претходната прес конференција и на повеќето други, воведот на Зев или на другите кои што ги држеа прес конференциите , имаме една приказна. Меѓутоа ако независно од нивните воведи, независно од насловите на порталите кои што ги контролираат, независно од прераскажаните содржини на тие портали или на некои други медиуми и телевизии, кои се под контрола на СДСМ и институциите кои што ги финансира СОРОС, една е приказната која што тие сакаат да ја пласираат а друга е вистината, порача Груевски.