Премиерот Никола Груевски вчера на гала вечерата на организацијата Македонија 2025, му го врачи Орденот на Република Македонија на Џорџ Буш, 43-тиот претседател на Соединетите Американски Држави.
Премиерот Груевски истакна дека заради големиот придонес на поранешниот американски претседател Буш во градењето на пријателските односи помеѓу Република Македонија и САД, тој го заслужува Орденот на Република Македонија кој го доделува Претседателот на Република Македонија.
-Претседателе Буш, дозволете ми во име на Владата на Република Македонија, во мое лично и во име на сите македонски граѓани да Ве поздравам и да Ви се заблагодарам за придонесот кој го имавте за стабилноста на нашата земја. Поддршката која ја дадовте за Македонија ја препознаваат и ценат денешните генерации на Македонци и истата силно ги зајакна темелите врз кои се градат односите помеѓу нашите држави. Во периодот кога бевте претседател, Република Македонија и САД потпишаа Декларација за стратегиско партнерство. Би сакал да знаете дека признавањето на Македонија под уставното име од страна на САД и личната поддршка која ја дадовте во текот на самитот на НАТО во Букурешт во 2008 година ќе останат врежани во македонската колективна меморија, истакна премиерот Никола Груевски при врачувањето на Орденот на Република Македонија на 43-тиот американски претседател Џорџ Буш.
Груевски во оваа прилика ја реафирмираше значајноста на поддршката која САД ја дава на нашата земја.
-САД претставуваат важен стратешки партнер за реализација на приоритетите од надворешната политика на Македонија. Односите на Македонија и САД се карактеризираат со отворен и континуиран дијалог, заснован на доверба и пријателство, истакна претседателот на Владата.
Тој ја потенцираше стратешката ориентација на нашата земја за спроведување на реформи со цел интеграција во ЕУ и НАТО.
-За нашата цврста определба за интеграција во евроатланските структури говори и фактот што шест последователни години добиваме препорака од Европската Комисија за започнување на пристапните преговори за членство. Исто така, Македонија ги исполни условите за членство во НАТО за што имаме силна поддршка и од нашите американски партнери. Активно партиципираме во мировните мисии и напорите на меѓународната заедница за воспоставување и развој на демократските слободи во светот. Нашите континуирани напори за придвижување на земјата кон ЕУ и НАТО дава сигурност за странските инвеститори за обезбедување политичка стабилност, квалитет на институциите и остварување на економски развој, додаде премиерот Груевски.