Нашата земја е предолго заглавена во политичката криза. Минатово лето 4-те најголеми политички партии заедно со олеснувачите од меѓународната заедница склучија договор за да ја надминат кризата, рече премиерот Никола Груевски на денешното обраќање до јавноста.
– Не можам да не истакнам колку е важно да се остават проблемите зад нас, за да може народот и државата да продолжат напред, да се отворат нови работни места, да се градат училишта, инфраструктура, патишта, болници, субвенции, зголемување на плати, пензии, да продолжи силно растот на нашата економија. Сите партии потпишаа договор што треба да ја разреши и да ја заврши кризата. Ние направивме многу компромиси. Дури бевме и критикувани дека и премногу сме биле компромисни и премногу сме попуштале. Ние тоа го правевме свесно и за доброто на државата, рече Груевски.
Премиерот посочи дека ВМРО-ДПМНЕ како партија ги исполни во целост своите обврски од договорот во Пржино. СДСМ доби двајца министри со ресор и три дополнителни заменици-министри, се одбра Специјален јавен обвинител со целосни услови за работа, беше одбран составот на ДИК каде опозицијата има доминација, секретар и претседател од своите редови. Изборниот законик е променет согласно барањата на опозицијата….
-Изборите треба да се закажат за 24-ти април. Сега е време да се исполни оваа обврска. За жал, неодамнешните изјави од страна на СДСМ фрлаат сенка врз овој дел од договорот. Ова е јасна замка за да се држи нашата земја во заложништво, да се држи во криза, конфликтност и да се оспори правото на народот да ги одбира луѓето кои мисли дека треба да ја предводат државата. Јас сум против ова кочење и против ваквото држење на државата во заложништво, рече премиерот.
Во оваа насока на исполнување на сите обврски од договорот, Груевски најави дека утре наутро ќе ја достави својата оставка до претседателот на Собранието на Република Македонија.
-Договорот исто така опфаќа и времено повлекување на премиерот на 100 дена пред изборите. Навршуваат 100-те дена пред 24-ти април, денот за кој е договорено да се одржат избори и тоа е влезено во закон. Јас стојам и зад тој дел од договорот. Сакам конечно да се остави сета неизвесност, да се остават сите проблеми, конфликтност, зад нас. И сакам нашата држава да оди напред и да продолжи силно да се развива. Утре изутрина до претседателот на Собранието ќе го испратам моето писмо со оставка на функцијата претседател на Владата која ќе биде ефективна на 100 дена пред официјалниот датум на избори, рече Груевски.
Како што потенцира премиерот, оваа оставка ја покажува силата на нивното убедување и верба во демократијата.
-Најдобрата победа над оваа валкана кампања против Македонија, водена преку најразлични методи изминатава година ипол, се чисти избори, кои нема да дадат никаков изговор, никому. Такви беа изборите со кои освоивме огромна победа, огромна ќе биде победата заедно со вас и на следните избори. Но, овојпат одиме со вакви потези, чекор понатаму, убедени дека ова што го правиме е за доброто на државата и на народот. Македонија мора да оди напред и ние заедно со народот ќе се избориме за тоа, додаде тој.
Груевски потенцира дека тој и неговата партија се држат до овој договор затоа што стојат до граѓаните, се потпираат на нив, веруваат во граѓаните.
-Ваше и единствено ваше е правото да одберете кој ќе ја води оваа држава. Вие, народот на Македонија, вие сте нашата главна потпора и јас ова го правам за вас. Затоа што верувам во вас и во вашата одлука и проценка. Вие се знаете и на вас се ви е јасно. Никој не смее да ве потценува. Вие ќе го кажете вашето мислење на следните избори. Јасно и децидно и тоа ќе биде громогласно и убедливо. Следните избори треба да означат еден нов почеток. Месеци на политичка криза и вознемирувачки случувања, шпиунажи, безбедносни и економски предизвици ќе бидат зад нас. Ние истрајавме. Истрајавме заедно со вас и ќе победиме заедно со вас, рече премиерот.
Груевски потенцира дека на следните избори нема да губи време да се враќа на старите политички препукувања и сплетки на опозицијата, туку дека има големи планови и сериозни платформи за државната економија, раст и развој, за опстојување на патот за отворање на нови работни места и инвестиции во сите области.
-Ќе презентирам детална програма, за да се постигнат очекувањата кои ги имате од нас. И може да сметате на мене дека ќе го исполнам ветеното. Затоа што јас држам до дадениот збор. Другите можат да се вплеткуваат во политика на лична деструкција, во деструктивни и непродуктивни сценарија, но мојата програма е за тебе, за твоето семејство, за твојата работа, твоите приходи и плати. И за изградбата на нашата земја, како место во кое ќе може да се гледаат вашите надежи и соништа. Овој потег ја одбележува нашата заложба да се средуваат работите, да се опстојува на зборот и вие имате право да го очекувате тоа од луѓето во политиката, посветено и верно да го исполнуваат тоа што го ветиле и што вие сте го побарале преку вашиот глас. Изборите на 24-ти април ќе го оттргнат облакот на неизвесност и ќе го заменат со нов и силен мандат, со нов ветер во грб. Кога се ова, сета оваа агонија која ја создадоа ќе биде зад нас и ќе докажеме на сите дека Македонија е силна и отпорна и дека никој не смее да го потценува нашиот народ дека знае што сака и знае кого и зошто го поддржува. Тогаш Владата ќе ја води оваа држава напред, во изградба на нашата економија и подобрување на стандардите и условите, додаде Груевски.
Овој чекор Груевски вели дека го прави поради довербата која ја има во граѓаните.
-Со нетрпение ги чекам сите идни разговори со вас, разговори на терен, затоа што тоа е мојот план. Да бидам постојано со вас и да разговараме и да се договориме за иднината на нашата заедничка татковина. Ќе споделуваме идеи и планови, проекти, мерки, чекори и мислења како да се подобриме и што дополнително да направиме. Заеднички ќе обзнаниме една нова ера на визија, на акција и на резултати. Денес Македонија им докажува на сите дека верува во себе и знае што прави. И се бори за себе и својата подобра иднина и нема да дозволи никој да си игра со тоа. Јас верувам во вас и верувам во Македонија. Знам дека и вие верувате. Одиме напред, заедно, рамо до рамо, секој ден до денот на изборите кога повторно ќе застанеме цврсто и со гордо крената глава ќе кажеме „Успеавме“, „Македонија успеа“ и ние сме дел од таа голема победа, заврши Груевски со своето обраќање до јавноста.