Хашкиот трибунал го до ослободи денеска поранешниот премиер на Косово Рамуш Харадинај. Обвинителите тврдеа дека Харадинај учествувал како командант на Ослободителната војска на Косово (ОВК), за прогонување на Србите од Косово во конфликтот во 1998-1999 година.
Судскиот совет денеска утврди дека нема докази дека Харадинај и неговите двајца соработници Идриз Балај и Лахи Брахимај учествувале во ваков план.
Судскиот совет исто така заклучи дека тој не е виновен по ниту една точка од обвинението. Ослободени се и неговите соработници Идриз Балај и Лахи Брахимај.
Судот во Хаг наложи веднаш сите да се пуштат на слобода.
Судскиот совет, кој го сочинуваа Џастис Баконе Молото од Јужна Африка, Бартон Хол од Бахамите и белгискиот судија Ги Делова, утврди дека имало злосторства во Јабланица, но дека тројцата обвинети поранешни команданти на ОВК за нив не се одговорни. Харадинај беше премиер на Косово од трети декември 2004 година до осми март 2005 година.
Српскиот премиер Ивица Дачиќ оцени денеска дека ослободителната пресуда за Рамуш Харадинај била очекувана, дека е последна во низата политички, а не правни и праведни пресуди на Трибуналот, но дека Србија, наспроти тоа, ќе ги продолжи преговорите со Приштина, бидејќи тоа е во нејзин интерес.
Дачиќ истакна дека и оваа пресуда, како и пресудата на хрватските генерали, ќе го отежне процесот на помирување во регионот.
Српската напредна партија оцени дека ослободителната пресуда за Рамуш Харадинај е второ последователно, најстрашно понижување на српските жртви од страна на Хашкиот трибунал и побара Србија да ги прекине сите разговори со Хаг.
Во Приштинa прослава по повод ослободувањето на Рамуш Харадинај
Косовските Албанци ослободителната пресуда ја прославија на Плоштадот „Мајка Тереза“ во центарот на Приштина со солзи и огномет.
Огнометот траеше подолго отколку вчера, за прославата на Денот на знамето и 100-годишнината на државата Албанија. Во текот на славењето се слушаа и пукање од огнено оружје.
Граѓаните носеа маици со ликот на Харадинај и натписи „лидер кој останува на зборот“ и „чист образ“.