Хаг го враќа Шешељ дома за да не умре во затвор


Судскиот совет на Хашкиот суд одобрил привремено ослободување на Шешељ, кој има метастази на црниот дроб, за да не носи на душа уште еден Србин, пишува српски „Kурир“, а веста предизвика големо внимание кај српските медиуми.

seselj2

Безусловно или условено ослободување?

Соговорниците на „Блиц“ проценуваат дека условите за ослободување овој пат биле поблаги зашто во Хаг веруваат дека Шешељ е готов да се врати во Србија за да се лекува, но и поради желбата на Трибуналот да се „ослободи“ од него. Хаг ја образложи одлуката со влошената здравствена состојба на Шешељ, меѓутоа за разлика од минатиот пат кога децидно во девет точки беше наведено што с` не смее да прави Шешељ во Србија, овој пат од српската влада било побарано да гарантира само дека тој нема да контактира со потенцијалните сведоци и дека ќе се врати во Хаг кога Трибуналот ќе го повика.

Милорад Мирчиќ од Српската радикална партија (СРС) тврди дека судскиот совет донел одлука „за безусловно ослободување“, но портпаролката на Трибуналот, Магдалена Спалинска, нагласи дека сепак постојат наведените два услова, без да посочи датум за евентуално враќање на Шешељ во Хаг.

– Шешељ во Србија доаѓа како слободен човек. Трибуналот усно го известил дека е безусловно пуштен на слобода и дека од него не било побарано да ги прифати гаранциите на српската влада. Судскиот совет во одлуката навел дека се уверени оти Шешељ нема да влијае на сведоците ни на интегритетот на постапката и дека на повик на судот ќе се појави за изрекување на пресудата, ако таа некогаш биде напишана. Тоа значи безусловно пуштање на слобода – рекол за „Kурир“ заменик- претседателот на СРС, Немања Шаровиќ.

„Ако умре Шешељ, ќе умре и правдата“

„Ставањето сол на жива рана на жртвите не е необично за нас“, изјавила претседателката на здружението „Мајките на Сребреница“, Хатиџа Мехмедовиќ по веста за привременото ослободување на Шешељ. Семејствата на жртвите не се изненадени од одлуката, но, според Мехмедовиќ, жално е што на овој начин младите генерации се „поттикнуваат“ да извршуваат покрвави и поопасни злосторства.

– Минатото не можеме да го вратиме, но од него не научивме ништо. Не е ни чудо што во светот се извршуваат злосторства зашто судовите не си ја вршат работата и с` стана некако корумпирано. Ние, семејствата што ги преживеавме сите голготи во БиХ, па и геноцидот во Сребреница, не се надевавме дека ќе ни се вратат децата зашто тоа е невозможно, но очекувавме правда. Ако нема правда, нема ни иднина. Сите што вршеа геноцид и агресија, а се ослободени, се наградени, а ние, семејствата, сме казнети – вели Мехмедовиќ.

Претседателката на здружението „Мајки на енклавата Сребреница и Жепа“ Мунира Субашиќ вели дека Шешељ направил циркус од Хашкиот трибунал со навредување на жртвите и обвинителите во текот на судењето, како и дека веројатно е ослободен за да не умре во затвор во Хаг.

– Во случај Шешељ да умре, умира и правдата, што е најтешко за жртвите на геноцидот во БиХ. Мислам дека е тоа голема игра против жртвите на геноцидот, против муслиманите. Сето ова е проект смислен од Европа и од светот. Прво се обидоа да ги изедначат жртвите и агресорите, а кога тоа не им успеа, се обидоа да ги држат подолго, да ги пуштаат дома и слично – вели Субашиќ.

MK News

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1