Дваесет и шестгодишниот Дерик Лостатер од Кентаки објавил на својот блог дека група агенти од ФБИ упаднале во неговата куќа и извршиле агресивен претрес во врска со хакерскиот напад на групата Анонимус, која придонела за објавувањето на клучни информации од друштвените мрежи за случај на силување на тинејџерка од Стубенвил.
Лостатер, советник за ИТ безбедност и член на Анонимусите, кој е познат и под псевдонимот KY Anonimous, изјавил во телефонски разговор со Хафингтон Пост дека на 15-ти април ФБИ упаднале во неговата куќа во Винчестер, Кентаки, во која живее заедно со својата девојка и брат му, и дека притоа му е кажано дека би можел да заврши во затвор.
Како што напишал на својот блог, што туку се вратил од лов, кога на влегување во дворот здогледал возило кое наликувало на камион на курирската служба FedEx.
“Кога ја отворив вратата да го поздравам возачот, припадници на специјалните полициски единици на ФБИ ’SWAT’ со полна опрема скокнаа од камионот и ми викаа: ’Лежи долу!’, и ми ја приклонија на главата нивната откочена јуришна пушка М-16. Го запленија мојот лаптоп и лаптопот на мојата девојка, флеш-меморијата, музичките ЦД-а, екстерниот хард-диск, двата мобилни телефони и Xbox 360 на мојот брат ”.
Лостатер вели дека објавил еден куп инкриминирачки фотографии, видео-снимки и пораки кои на социјалните мрежи ги поставиле фудбалери од Стубенвил, а во кои жртвата на силување е изложена на исмевање. Како што рекол, повеќето објави му ги пратила Мишел Меки, која ги добила од Александрија Годард, активиста и блогерка, која прва ги открила. Во тоа време, тие биле јавно достапни и до нив не дошол со хакирање.
Двајцата фудбалери од Стубенвил, Трент Мејс и Малик Ричмонд, во март се прогласени за виновни за сексуален напад на 16-годишна девојка во август 2012. Осудени се на затворска казна во дравниот затвор за малолетници. Мејс (17) е прогласен за виновен и за дистрибуирање на фотографиите со вознемирувачка содржина од малолетната жртва.
Судејќи според налогот за претрес, кој Лостатер исто така го објавил на својот блог, ФБИ биле заинтересирани да ги запленат сите докази во врска со хакирањето на сајтот на навивачите на стубенвилскиот гимназиски клуб Big Red, како и сајтот на администраторот, кои се хакирани во декември минатата година.
После хакирањата на сајтовите, на страницата за навивачи објавена е видео-снимка од маж со маска на Гај Фокс, кој се заканил дека ќе објави лични податоци од фудбалерите ако до први јануари 2013 не и’ се извинат на жртвата. Подоцна признал дека тој навистина бил човекот со маската.
Но, меѓутоа, тој тврди дека не го хакирал сајтот RollRedRoll.com. Во февруари, 22-годишен маж од Вирџинија Бич, кој го користи името Bаtcat, признал во интервју за стубенвилскиот Herald Star дека го хакирал сајтот на фудбалскиот клуб.
Доколку биде осуден за сајбер криминал, Лотстатер би можел да добие затворска казна до десет години затвор, додека силувачите Малик Ричмонд и Трент Мејс се осудени на само една, односно две години затвор.
Tocka