Лидерите на Европската Унија не постигнаа договор за доделување датум за почеток на преговори со Северна Македонија и со Албанија, објави еврокомесарот за проширување, Јоханес Хан, на „Твитер“. Тој наведува дека тоа може да има негативни последици, вклучително и ризик од дестабилизација во регионот на Западен Балкан.
„Лидерите на ЕУ не успеаја да ја исполнат својата посветеност за отворање на преговори за пристапување со Северна Македонија и Албанија. Ова е екстремно разочарување. Европската Унија сега треба да разјасни колку е сериозна нејзината заложба за интеграцијата“, напиша Хан.
Тој им се заблагодари на сите оние што синоќа се обиделе и се посветиле да постигнат одлука која, како што вели тој, е од големо стратегиско значење за ЕУ. Хан им се заблагодари и на земјите-членки кои се бореле за испраќање на сигнал за надеж до граѓаните на земјите од Западен Балкан.
„Како што веќе кажав по министерскиот самит во Луксембург: Ова не е момент на слава за Европската Унија. Да се одбие признавањето на докажаниот напредок ќе има негативни последици, вклучително и ризик од дестабилизација на регионот на Западен Балкан, со целосно влијание врз ЕУ“, напиша Хан.
Наша одговорност, додава тој, е сега да застанеме до државите чиишто граѓани се со право разочарани. Тој наведува дека ќе продолжи да прави сè што е во негова моќ да ги поддржи.
„Интеграцијата на Западен Балкан во ЕУ е и останува важна стратешка политика и е во наш заеднички интерес“, пишува Хан.