Харадинај: Спремни сме да ги укинеме царините, но само со гаранции за признавање


Косовскиот премиер Рамуш Харадинај изјави дека неговата Влада може да ја укине привремено таксата на увозот од Србија и Босна и Херцеговина ако се добијат меѓународни гаранции.

Косовскиот премиер Рамуш Харадинај изјави дека неговата Влада може да ја укине привремено таксата на увозот од Србија и Босна и Херцеговина, единствено ако се добијат меѓународни гаранции дека ќе се седне и ќе се потпише конечен договор, кој ќе резултира со меѓусебно признавање на двете држави.

Харадинај порача дека се додека има „само сугестии за јалови дијалошки средби, без објектив и без јасно определени рокови, без преддоговор и меѓународни гаранции дека ќе се потпише конечен договор кој ќе резултира со признавање, таксата останува во сила“.

„Длабоко сум убеден во можноста за постигнување сеопфатен законски обврзувачки договор со Србија, кој ќе резултира со признавање. Ние интензивно работиме на една конечна, финална спогодба, при што ја изготвивме и Големата книга со поглавја и Драфтот на тој договор. Сета таа содржина ја развивме со цел да се осигураме дека кога ќе седнеме со Србија ќе имаме цврста материја, со факти и аргументи“, напиша Харадинај на својата страница на Фејсбук.

Косовскиот премиер вели дека „воведувањето на таксата кон српските производи нема за цел одолговлекување на постигнувањето договор“ со Србија.

„Напротив, Владата на Косово би ја укинала привремено таксата, но единствено по меѓународна гаранција дека ќе седнеме и ќе потпишеме конечен договор, кој ќе резултира со меѓусебно признавање“, порача Харадинај, појаснувајќи дека тоа би значело дека постои материјал написмено, кој во принцип го гарантира потпишувањето на тој конечен договор меѓу двете држави.

MK News

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1