Скопјанец обвинет за грозоморен случај на полов напад на 13 годишно девојче добил 17 годишна затворска казна. Тој на суров и понижувачки начин извршил обљуба врз малолетничката која била без родителска грижа.
– Ја земал од училиште, ја однел во близина на рид во една скопска населба, каде присилно имал сексуален однос со неа, а потоа употребувајќи сила и закана за нејзиниот живот и животот на нејзините блиски ја присилувал во континуитет на сексуални односи со тепање, давење, горење со цигари. При тоа обвинетиот нанел телесни повреди на телото на детето, која состојба резултирала со силен трауматски ефект врз детето, велат од Јавното обвинителсто.
Во текот на постапката пред јавниот обвинител, со оглед дека се работи за дете жртва на кривично дело, применети се посебни мерки на процесна заштита и исказот кој детето го дало пред јавниот обвинител е визуелно тонски снимен. На главната расправа во суд, девојчето не е повикано повторно да дава исказ, со цел да се избегне изложување на детето на повторен стрес и виктимизација, туку исказот кој е визуелно тонски снимен е искористен како доказ во постапката, информираат во соопштението од Јавното обвинителство.