Во 18 часот на плоштадот Македонија пред ресторанот „Пелистер“ ќе се одржи хуманитарен јавен настан со Уличните уметници под мотото „Од сиромашни за сиромашни“.
Концертот е во рамки на Втората конференција на лица кои живеат во сиромаштија и социјална исклученост.
Овој настан е организиран од Македонска платформа против сиромаштија (МППС). Средствата кои ќе бидат обезбедени од овој хуманитарен настан ќе бидат наменети за јакнење на капацитетите за развивање на продажни и комуникациски вештини на лицата од маргинализираните групи, а воедно се и продавачи на уличниот магазин „Лице в лице“.
Магазинот е дел од регионалната платформа за активизам „Лицеулице“ која се спроведува во Србија, Босна и Херцеговина, Косово и преку Центарот за медиумски активности – во Македонија. Вакво списание излегува во Србија веќе година и половина, и по тој пример, и ова македонско издание го продаваат наши сограѓани кои припаѓаат на најранливите категории во општеството.