СВР Скопје околу полноќ го приведе Н.Ѓ.(35) со прекар командант Коки од Скопје, познат и претходно на полицијата по своето насилничко однесување, поради основано сомнение дека истиот извршил кривично дело „напад врз службено лице при вршење работи на безбедноста“.
МВР денеска соопшти дека околу 23.50 часот на бул.„Октомвриска револуција“, зад ТЦ „Плаза“, од страна на полициски службеници било забележано патничко возило „Ауди А-6“ со странски регистерски ознаки како се движи со голема брзина. Истото било запрено, по што од страна на полициските службеници било побарано од возачот да се легитимира. Наместо да ги послуша наредбите, осомничениот започнал да ги навредува полициските службеници заканувајќи им се со одмазда откако ќе дошол на власт. Заради недоличното однесување, истиот бил предупреден и му било укажано да ги извади рацете од џеб. Во тој момент осомничениот тргнал кон полициските службеници за физички да се пресмета со нив.
Од ударите во глава еден од полициските службеници се здобил со контузија по што е пренесен во Градската општа болница каде од страна на докторите е констатиран потрес на мозокот и тој е задржан на натамошно лекување.
Во меѓувреме, на лице место пристигнала екипа на мобилната „Алфа“ единица по што напаѓачое е совладан, доведен во послушност и спроведен во полициската станица „Кисела Вода“ каде е задржан на службен разговор се до целосно документирање на делото и негово изведување пред надлежен Истражен судија.
Последен пат против истото лице кривична пријава беше поднесена на 06.06.2012 година кога со безбол палка „испрашувал“ момче за неговиот политички ангажман.
Во соопштението се потсетува дека тој беше пријавен, поради основано сомнение дека извршил кривично дело „загрозување со опасно орудие при тепачка или караница“. Пријавениот се товареше дека делото го извршил вечерта околу 24 часот, на паркинг просторот пред Машинскиот факултет во Скопје, каде, по претходен телефонски договор, заедно пристигнале со неговиот пријател К.С. и оштетениот М.М.
Откако го паркирал сопственото возило, излегол од него и со влечење и грубо малтретирање го исфрлил М.М. и удирајќи му два шамари му наредил да седне на скалите кои биле во непосредна близина. Потоа од возилото извадил дрвена безбол палка и му наредил да ја испружи десната рака, заканувајќи му се дека ќе му ја искрши.
Откако М.М. не го послушал, Н.Ѓ. почнал да го испрашува кој го финансира него и неговите приврзаници кои ги бараат промените и реформите во Социјал демократскиот сојуз на Македонија, при што со упатени сериозни закони по животот му наредил во иднина да го информира за секоја понатамошна активност.
Инаку, против Н.Ѓ. и претходно се поднесувани бројни кривични пријави за насилство и учество во толпа, за што надлежен суд му изрекол условна осуда.
Миа