И порано претседатели не потпишувале – Што сега кога Иванов не сака да го потпише указот на Законот за јазиците?


Според Уставот, по првото враќање на законот во Собранието пратениците повторно го разгледуваат и ако го усвојат со мнозинство гласови претседателот е должен да го потпише. Иванов изјави дека нема да го потпише указот зашто тоа не му го дозволува совеста.

Но, со оглед дека без потпис од претседателот законот не може да се објави во „Службен весник“ и да стапи на сила, според дел од експертите на повидок се нови компликации на релација Собрание -Влада – Претседател – Уставен суд.

Претседателот може да употреби и т.н. џебно вето

Интересен е фактот дека правото на вето на шефот на државата е регулирано во уставниот оддел посветен на Собранието на РМ [член 75], а не како што би се очекувало во одделот посветен на Претседателот на РМ – што несомнено ја потврдува констатацијата дека ветото има легислативна функција и е дел од законодавната постапка. Со други зборови, промулгацијата (лат. promulgatio = „обнародување”, т.е. потпишување на указот за прогласување на законот) претставува претфинален чин при донесувањето на законите, кој ѝ претходи на „публикацијата” (publicatio), односно на конечното обзнанување/објавување на законот во Службен весник.

Или, поинаку кажано, ако нема указ – нема ни закон! Оти законот се смета за дефинитивно донесен единствено кога претседателот на Републиката, своерачно, ќе го потпише указот за негово прогласување. Тогаш и само тогаш, конкретниот закон, кој претходно бил изгласан, може да биде објавен, а подоцна и да влезе во сила (urbi et orbi). Значи, без указот – кој, всушност, има конститутивно дејство на пораѓање на законот – законот сè уште го нема: тој не постои и, следствено, не ни може да произведе никакво правно дејство. 

Во дел од јавноста преовладува мислењето дека е можно законот да биде објавен во Службен весник со потпис на претседателот на Собранието Талат Џафер со цел да започне неговата примена. Други пак, го застапуваат мислењето дека неговиот потпис треба да претставува гаранција оти Законот е донесен во согласност со Деловникот на Собранието и додаваат дека во тој случај можно е да се поднесе барање до Уставниот суд за оценување на уставноста на законот. Така, според нив, целата постапка за законот би се вратила од почеток.
Указот за прогласување на закон е клучен елемент во финализирањето на постапката за негово донесување. Без потпишан указ од страна на претседателот на Републиката нема донесен закон, вели професорката Татјана Каракамишева.

Без потпишан указ од претседателот на Републиката законот не може да биде објавен во Службен весник, а штом не е објавен не може да стапи на сила и не може да се применува во пракса. Во таков случај законот останува мртво слово на хартија.

Директорот на “Службен весник” не смее да го објави некомплетниот закон, бидејќи во нашиот уставен поредок указот не се смета само за обично формално дејствие што го прави претседателот на Републиката, како што сметаат некои, туку потпишувањето на указот е суштествен, клучен чин за правно финализирање и заокружување на целата постапка при носењето на законот.

Иако формално-правно Уставот го обврзува да го потпише указот за прогласување на закон ако законот е повторно изгласан од пратениците, исто така Уставот го обврзува претседателот да води сметка за функционирањето на државата, за нормално работење на државните органи и за непречено функционирање на уставниот поредок. Во таков случај кој може да каже првата уставна норма е поважна од втората? Од друга страна, Уставот не утврдил рок кога претседателот треба да го потпише указот што значи му се остава широк простор на (не)делување на претседателот во насока да го закочи објавувањето на законот и неговото влегување во сила, вели Каракамишева.

Судијата на Уставниот суд на РМ Осман Кадриу, денеска не сакаше да даде оценка дали донесениот Закон за употреба на јазиците е уставен или не, за, како што рече, да не прејудицира евентуална одлука на Судот доколку до него дојде иницијатива за оценување на уставноста.

Според него, согласно Уставот, претседателот на државата Ѓорге Иванов е должен да го потпише Законот затоа што тој еднаш веќе го искористил правото на вето.

Доц. д-р Димитар Апасиев на блогот „Республика“ пишува дека Иванов има право да се повика на досегашните уставноправни преседани на употреба на она што во теоријата е познато како „џебно вето“ или „вето во фиока“.

„Потпишување на указот за прогласување на законот претставува претфинален чин при донесувањето на законите, кој претходи на конечното објавување на законот во ‘Службен весник’. Или, поинаку кажано, ако нема указ – нема ни закон! Без указот тој не постои и не може да произведе никакво правно дејство. За разлика од суспензивното вето – кое само привремено ја одолговлекува законодавната постапка – џебното вето употребено во крајна нужда може целосно да го блокира донесувањето на законот“, објаснува Апасиев.

„Ова свесно кршење на Уставот има своја природно-правна позадина и се оправдува со постигнување на некоја благородна и повозвишена цел – заштита на поширокиот општествен интерес (utilitas publica). Тука претседателот ризикува да биде прозван со импичмент, т.е. повикан на одговорност за кршење на Уставот и законите (по чл. 87 од Уставот), но истовремено, дури и по цена да ја изгуби функцијата, етички доследно сака да ја алармира јавноста за штетноста од донесувањето на конкретниот закон. Станува збор за вистинско витештво во борбата за добри и уставни закони и за анимирање на јавноста, со цел вршење притисок врз законодавецот – тој во иднина да не се однесува арбитрарно, неодговорно и противуставно“, потенцира Апасиев.

Притоа потсетува дека оваа уставна празнина била (зло)употребена во два наврата: првпат во 1997 година кога претседателот Глигоров одбил да го потпише Законот за кривична постапка, и втор пат во 2001 година кога претседателот Трајковски два пати одбил да го потпише Законот за пратеници и тој не влегол во сила.

Тројца претседатели го искористиле џебното вето 

Во досегашната уставно-правна историја на независна Македонија, не постои ниту еден единствен случај закон да биде објавен и да почне да се применува без потпис од шефот на државата! Досегашните
четворица претседатели на Републиката го употребувале правото на суспензивно ветово повеќе ситуации:

(1) првиот претседател Киро Глигоров, во првиот свој мандат го нема употребено правото на вето; додека,  пак, во текот на неговиот втор мандат го има употребено вкупно четири пати [два пати во 1997 и по еднаш во 1998 и во 1999 год.];

(2) вториот претседател Борис Трајковски, за време на својот мандат, правото на вето го има употребено вкупно шест пати [еднаш во 2001 и пет пати во 2003 год.];

(3) третиот претседател Бранко Црвенковски е рекордер во користењето на ова право, бидејќи во единствениот свој мандат го има употребено дури десет пати [еднаш во 2005, два пати во 2006 и седум пати во 2008 год.]! Да потсетиме дека претседателот Црвенковски стави вето на претходниот Закон за употреба на јазикот што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните во Македонија и во единиците на локалната самоуправа (4.08.2008) 

Имено, за разлика од суспензивното вето – кое само привремено ја одолговлекува законодавната постапка – џебното вето, употребено во крајна нужда, може целосно да го блокира донесувањето на законот и de facto да го закочи законодавниот процес! Тоа е можна ситуација во мешовитите парламентарни системи, каков што е и нашиот.

Експертите велат дека Иванов го прекршил Уставот со тоа што не го потпишал указот и поради тоа Собранието може да побара негов импичмент, но дополнуваат дека за негово отповикување е потребно двотретинско мнозинство во Собранието.

Тука, всушност, претседателот ризикува да биде прозван со импичмент, т.е. повикан на одговорност за кршење на уставот и законите [по чл. 87 од УРМ], но истовремено – дури и по цена да ја изгуби функцијата – етички доследно сака да ја алармира јавноста за непропорционалноста и штетноста од донесувањето на конкретниот закон.  Оваа наша уставна празнина досега беше [зло]употребена во два наврата: прв пат во 1997 – кога претседателот Глигоров одби да го потпише Законот за кривична постапка, иако истиот се носи со двотретинско мнозинство гласови; и втор пат во 2001 – кога претседателот Трајковски два пати одби да го потпише неморалниот и екстремно привилегирачки Закон за пратеници, кој потоа не влезе во сила!

Оттука, бидејќи веќе има воспоставено прецедентно право (англ. Case law) за оваа сложена уставнoправна материја, не би постоеле правни пречки таа – во конкретиов случај на противуставниот Закон за употреба на јазиците – in flagrante да може да се употреби и по трет пат.

 

 

 

 

Share Button

Tags:

MK News

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1